Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право кога вели дека европските земји мора да понесат поголем товар за колективната одбрана на Европа. Во интервју за „Њујорк тајмс“, Стармер, зборувајќи за обидите за постигнување мир во Украина, рече дека „не му верува“ на рускиот претседател Владимир Путин и затоа иницира „коалиција на волните“ во обид да се соберат мултинационални сили кои ќе гарантираат мир по секој мировен договор.
„Сигурен сум дека Путин ќе се обиде да инсистира дека Украина е беспомошна по договорот, бидејќи тоа му го дава она што го сака, а тоа е можноста повторно да влезе“, рече Стармер. Русија ја отфрли идејата на Британија за мировни сили на НАТО во Украина, а Трамп допрва треба да понуди безбедносни гаранции, за кои Стармер вели дека се клучни пред земјите да испратат војници. Зборувајќи за неговиот однос со Трамп, Стармер рече дека „кога станува збор за личноста“, тој мисли дека има „добар однос“ со него.
„Ми се допаѓа и го почитувам. Разбирам што се обидува да постигне“, рече Стармер, пренесе Танјуг. Што се однесува до дејствијата на Трамп, од наметнување царина од 25 отсто за британскиот челик до омаловажувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Стармер рече дека признава дека американскиот претседател предизвикал „праведен степен на дезориентација“. Тој рече дека по средбата меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа, која заврши со размена на остри зборови и без потпишување на најавениот договор за ретки минерали, „зазеде став дека е подобро да се крене телефонот и да се разговара со двете страни“.