Доцна синоќа, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, на социјалните мрежи објави дека е на терен со мешани тимови од Секторот за инспекција на оштината и со полициски службеници и дека ги бараат загадувачите кои го загадуваат воздухот во општината.
Според неговата објава, тој наводно и во текот на изминатата ноќ останал на терен за да бидат фатени загадувачите.
„Сѐ уште сум на терен заедно со мешани тимови од Секторот за инспекција на Општина Гази Баба и полициски службеници. Вршиме контроли на критичните локации кои беа идентификувани како можни извори на загадување.
По пријави од граѓани, извршена е контрола и на едно правно лице за кое постојат индиции дека е извор на загадување.
Доцна вечерва добивме пријава за пожар во Трубарево. Веднаш реагиравме и стапивме во контакт со Центарот за управување со кризи, по што се преземаат мерки за негово гаснење.
Попладнево во дел од Ченто беше почувствуван непријатен мирис, кој доаѓа од пожарот на депонијата во Арачиново. Фотографиите со густ црн чад што се споделуваа денеска се токму од таму.
Им благодарам на граѓаните за будноста и поддршката. Голема благодарност и до полицијата за професионалната соработка.Ќе бидеме присутни на терен и во текот на ноќта, и утре – сѐ додека има потреба.Се работи без компромис кога е во прашање здравјето на граѓаните!“, напиша тој.