Граѓаните ја казнија власта која не успее да донесе правда, која не успеа да ги направи функционални ниту судството, ниту образованието, ниту здравството, која не успеа да се справи со корупцијата и со непотизмот… Ја казнија власта која, рака на срце, имаше и добри и корисни потези за граѓаните, но не успеа да им ја врати надежта.
Цунами во Македонија. Вака најпросто може да се опише она што се случи завчера во земјава. Ваков „историски“ резултат досега не е виден во нашата демократска историја. Историска е разликата во освоените гласови меѓу победниците и „понижените“, историски е поразот на досегашната власт, а историски е и фактот дека за првпат во независна Македонија е избран претседател на државата на предлог на опозицијата.
Но, умните ќе имаат повеќе од доволно време да анализираат што навистина и зошто се случи, иако и оние „помалку умните“ знаат – едноставно, граѓаните ја казнија власта која не успеа да донесе правда, која не успеа да ги направи функционални ниту судството, ниту образованието, ниту здравството, која не успеа да се справи со корупцијата и со непотизмот… Листата е подолга и секој може сам да ја дополнува. Ја казнија власта која, рака на срце, имаше и добри и корисни потези за граѓаните, но не успеа да им ја врати надежта. Едноставно, не успеа добро да ги „продаде“ во јавноста.
Сепак, вредно е да се каже дека истата таа власт организираше избори кои буквално од сите беа оценети како слободни, фер и демократски, без никаква дамка (освен мали забелешки кои сепак не влијаеја на резултатот) и без големи инциденти од кои многумина стравуваа.
Но, истата таа власт, особено нејзиниот прв човек, иако го призна поразот и на долго и на широко го објаснуваше крахот, немаше доблест да го направи она што е очекувано по такво цунами – да поднесе оставка. Онака како што се прави во демократските земји и во демократските партии за каква што се прокламираше и досегашната владејачка во Македонија.
Многумина ќе речат „барем да понудеше“ оставка, ама ете, и тоа не се случи. Наместо тоа, долго ја објаснуваше целата внатрепартиска процедура, почнувајќи од општинските комитети па нагоре до врвот која, патем, на граѓаните и не им е важна. Важно е некој да ја понесе одговорноста.
А после таков неуспех, сепак, најважна е катарзата, во слободен превод „прочистување“ или „чистење“ или „појаснување“. За да се дојде до тоа „прочистување“, не се доволни оставките на потпретседателот на партијата, или на претседател на коалицискиот партнер, не е доволна само проста кадровска промена во врвот. Потребна е комплетна анализа на состојбите, на грешките и, секако, на неуспехот. Ако не сакаат да се соочат со ерозија од која нема да има враќање назад. Ако не сакаат да останат запаметени како „елитистичка“ или „салонска“ партија.
Само така ќе можат барем да се надеваат дека го прават првиот мал вистински чекор кон враќање на „сцената“, а не со тврдење искажано со огромна леснотија дека „многу граѓани чувствуваат страв од ваквиот резултат, затоа што огромна моќ заврши во рацете на партија позната по злоупотреба на власта“. Тоа тврдење е далеку од очекувањата за оставка како морален чин на одговорност. А во политиката нема втора шанса за оддавање прв впечаток.
Точно е дека има граѓани (прашање е колку се) кои чувствуваат страв од резултатот, има уште повеќе кои ја подзаборавија тогашната „огромна моќ“ на сегашната победничка партија, ама на некои свежи им се сеќавањата на грешките на оваа гарнитура во заминување – хаосот со личните документи, огромното покачување на платите на функционерите со објаснување кое никој никогаш не го прифати, со измените на Кривичниот законик кои, патем, директно се „врзани“ со „партијата позната по злоупотреба на власта“.
Што се однесува до победниците, допрва ќе се види. Веќе се соочени со очекуваните предизвици. Но засега е важно дека успеаја да го најдат алгоритмот за победа.