Советот за етика во медиумите на Македонија денеска ги врачи годишните награди за најдобри новинарски стории и фотографии во медиумска содржина, на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“. Првата награда е доделена за видео сторијата: „Аерозагадувањето во Македонија одзема 5000 животи годишно, како да сме во војна“, од авторките Сунчица Николоска (МРТ), Мирјана Мирчевска Јовановиќ (Канал 5) и Пелагија Младеновска (ИРЛ), објавена на платформата Дома.еду.мк, при Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Втората награда ја освои новинарката Дивна Грданова Караџовска, за видео сторијата „Како да се спаси моликата на Пелистер“, објавена на ТВ Тера од Битола. Наградата за најдобра фотографија/видео во медиумска содржина, што СЕММ оваа година прв пат ја воведе, жирито одлучи да му припадне на фоторепортерот Борис Грданоски за фотогарафиите со наслов „Смог“, „Најтопла година“ и „Бегство“. Пофалници за серија текстови за еколошките црни точки околу Велес и Прилеп, им беа доделени на новинарите Катерина Топалова (МРТ) и Орце Костов (Фокус).