Возилата на Avant2Go Car-Sharing ќе може да се изнајмуваат на поминат километар или според изминато време. Сто електрични возила се дел од првиот систем за споделување на возила во Скопје, што ќе започне да функционира од јуни. Со вакво возило денеска пред владата пристигнаа министрите за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Возилата, во првиот период ќе можат да се најдат на паркинзи во општините Чаир, Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода, а во иднина и во сите скопски општини, но и во други градови. Електричните возила во првиот систем за споделување во земјава се на фирмата Avant2Go Car-Sharing – Македонија, а ќе се споделуваат со апликација, која може да се симне уште од денеска.
Министерот Меџити денеска информираше дека првиот систем за споделување електрични возила ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот бидејќи емисиите на возилата се нула, а ќе се намали и бучавата бидејќи овие возила се значително потивки, што ќе допринесе за поздрава и поспокојна животна средина.

„Едно возило во кар шеринг заменува 10 до 15 приватни возила. Тоа значи помалку метеж по улиците, помала потреба од паркинг места, помало загадување на воздухот и поголема слобода во урбаното планирање. Проектот е целосно во согласност со Зелената Агенда за Западен Балкан и придонесува кон испонување на обврските за климатска транзиција што е клучен аспект во процесот на евроитеграцијата“, рече Меџити. Тој посочи дека системот за споделување возила има и економски бенефити за граѓаните бидејќи ја намалува потребата за купување второ или трето возило во семејството, што го прави не само технолошка новина, туку и стратешка инвестиција во еколошката, сообраќајната и економската иднина на државата.
Возилата на Avant2Go Car-Sharing ќе може да се изнајмуваат на поминат километар или изминато време, а цените се движат од пет до шест денари за една минута во дневната тарифа и од два до три денари во ноќната тарифа или 22 денари за еден километар. Минималната цена за изнајмување е од 149 до 199 денари, а максималната од 1490 до 1990 денари, во зависност од возилото.

Министерката Божиновска истакна дека за потребите на проектот, кој е започнат лани во декември, градоначалниците на општините обезбедија паркинг за 100 возила во повеќе објекти. „Се надевам дека полначите за возилата ќе користат обновливи извори на енергија. Тоа значи дека младите ќе може да ги користат бидејќи ќе бидат со пониски цени од такси превозот, а се работи и на тоа да се присутни и на паркинзите на универзитетите“, рече Божиновска. Според претставниците на компанијата Avant2Go Car-Sharing, пресметките покажуваат дека споделувањето на возилото чини само 20 отсто од трошокот на поседувањето сопствено возило. Проектот, кој почнува со 100 возила ќе се шири во следните месеци, а за град како Скопје оптимален број на возила се околу 1000. Оваа бројка се очекува да се достигне во следните две до три години, а дотогаш проектот ќе се прошири и во други градови. Извор: Новинска агенција МЕТА