Кога ќе се спомне уметност, карикатура или лик излезен од некој цртан филм, веднаш помислуваме на светски познатиот Волт Дизни, креатор на некои од најпознатите анимирани ликови што се актуелни и денес. Но малкумина знаат оти и Македонија има свој „Волт Дизни“. На денешен ден, 12 февруари, пред 111 години е роден еден од основоположниците на сценографијата во Македонскиот народен театар (МНТ) — Василие Поповиќ – Цицо. Цицо е познат по своите карикатури кои и денес се актуелни. Тој остави богато уметничко наследство што инспирира генерации уметници кои сакаат да бидат како него. Голем љубител на делата на Сирано де Бержерак и Чехов, Цицо ја внесуваше својата страст и креативност во секое свое дело. Василие Поповиќ – Цицо засекогаш ќе остане запаметен по две уникатни уметнички дела кои се впишани во историјата на Македонија. Првото е корицата на првиот буквар на македонски јазик, на која се прикажани деца со ранци како одат на училиште, придружени од мало, слатко кученце. Второто значајно дело е првиот грб на градот Скопје и на Народна Република Македонија, кој стана еден од најголемите симболи на нашата земја.
Цицо беше еден од основачите на театарската сценографија во Македонија. Работеше во тогашното „Народно позориште Краљ Александар I“ во Скопје од 1938 до 1941 година. По формирањето на Македонскиот народен театар во 1945 година, остана таму до крајот на својот живот, создавајќи над 30 сценографии и 14 костимографии. Роден во Скадар, но на петгодишна возраст се преселил во Скопје, каде што живеел до крајот на својот живот. По завршувањето на гимназијата своите сликарски вештини ги усовршува кај реномираниот уметник Никола Мартиновски. Негови карикатури се објавени во првото издание на весникот „Нова Македонија“ како и во весникот „Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените од Македонија. Фото: Карикатури на Василие Поповиќ – Цицо, Извор: okno.mk