Страбизам е состојба при која очите меѓусебно не се правилно насочени и немаат синхронизирана подвижност. Тоа обично вклучува недостаток на координација на очните мускули, што онеовозможува насочување на погледот на двете очи во една иста точка, а со тоа и правилен вид. За појава на страбизам има повеќе причини. Ризик фактори за појава на страбизам меѓу другото се: како поминала бременоста, дали имало проблеми при породувањето, развојот на бебето, прележаните болести и др. Генетските предиспозиции исто така може да бидат причина за страбизам. Доколку во семејството има страбизам, големи се можностите на појава на страбизам и кај другите членови. Една од главните причини за страбизам е намалениот вид (поради далекувидост или кратковидост, мрзливо око – амблиопија, вродена катаракта, или и други состојби на окото).

Како симптоми на страбизам може да се јават: губење на паралелната поставеност на очите, солзење и болки во очите, главоболки, двојно гледање, губење на тродимензионалниот вид, заматено гледање, вртење на главата или лицето на една страна. Некои типови на страбизам што се јавуваат кај бебињата и во детскиот период се лажни. Лажното кривење на очите е оптичка илузија која се појавува поради ширината на носот и очните капаци. За целосно дефинирање на оваа состојба задолжителен е очен преглед.
Постојат повеќе типови на страбизам кои се именуваат според правецот на кривење на окото: страбизам кон внатре (Езотропија), страбизам кон надвор (Егзотропија), страбизам кон горе (Хипертропија) и страбизам кон долу (Хипотропија). Постојат и некои посебни видови на страбизам како што е страбизам во поодминати години, кој настанува поради причини поврзани со нервите кои ги контролираат движењата на очите (невролошки проблем, повреда, дијабет, кардиоваскуларни заболувања, хипертензија, разни инфекции, тумори и др).