Загрижува молкот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), недостигот на информации од Геолошкиот завод и секторот за рударство при Министерството за енергетика. Без овие податоци, МАНУ, министерот и Владата не можат да донесуваат информирани одлуки.
Време е за сериозен пристап кон рударството. Во наредниот период очекуваме одговор на прашањето дали иницијативата на г-дин Александар Дединец, стручен соработник на раководителот на финалната верзија на Националната стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минерални суровини во Македонија за периодот 2025–2045, ќе донесе резултат. Или ќе остане документ без тежина, во рамки на уште една „лакрдија“. Иако ваквите средби, како што пред некој ден ја имав со г-дин Дединец, обично не се објавуваат со детали, како личност длабоко инволвирана во индустријата и гласен поддржувач на одржлив развој на рударството, чувствувам обврска да ја информирам јавноста за моите согледувања и загрижености.
Стратегија со визија или со празнини?
Моето уверување е дека стратегијата мора да биде длабоко прецизирана – јасен документ кој објаснува, води и нуди конкретни решенија за сите нејаснотии кои со години го сопираат развојот на овој сектор. За разлика од западноевропските држави, каде стратегиите се генерални насоки, кај нас неопходен е документ што објаснува до најситен детаљ. Причината е едноставна – Македонија не смее да си дозволи простор за произволни интерпретации од страна на политички или економски интереси, кои би можеле да ја извитоперат суштината на документот.
Што предложив?
На средбата побарав веднаш во процесот да биде вклучен Технолошко-металуршкиот факултет. Причината е недостиг на академски кадар во работната група кој има специјализирано знаење во областа на екстракцијата и преработката на металични и неметалични суровини – знаење без кое оваа стратегија не може да биде валидна. Дополнително, побарав целосна транспарентност во однос на сите вклучени лица: кои се, каква е нивната стручна поткованост и во кој сектор го имаат дадено својот придонес.
Што ме загрижува?
Загрижува молкот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), недостигот на информации од Геолошкиот завод и секторот за рударство при Министерството за енергетика. Без овие податоци, МАНУ, министерот и Владата не можат да донесуваат информирани одлуки. Јасно е – стратегија без вклучување на сите релевантни институции и експерти не може да биде алатка за развој, туку само уште еден документ во фиока.
Да, ни требаат екологисти – но со знаење
Неопходни се стручни и едуцирани екологисти кои ќе бидат реални партнери на државата. Самопрогласените активисти, без основно образование, кои не можат да одговорат ни на прашања од типот „Што е потребно за да се добие еден тон цинк?“ или „Која е разликата помеѓу старите и новите технологии на екстракција?“ – не можат да бидат релевантни гласови во јавната расправа. Во развиени држави, науката и екологијата одат рака под рака со индустријата. Кај нас, тоа поврзување уште недостига.
Додека светот се движи напред, Македонија тапка во место
САД и ЕУ ги забрзуваат постапките за отворање рудници. Во Аризона, Врховниот суд ја одблокираше изградбата на еден од најголемите рудници за бакар, проект вреден 64 милијарди долари. Европската Унија, пак, веќе дава зелено светло за ископ на литиум, кобалт и бакар со брзи процедури. Македонија, иако богата со минерали, останува заглавена во политички недоумици и судски лавиринти. Примери како Иловица, Казандол и Кожуф сведочат дека сè уште не сме подготвени да ги искористиме своите ресурси за економски раст и локален развој. Време е за национален консензус, за вистинска, а не декларативна стратегија. Инаку, ќе продолжиме да гледаме како другите напредуваат, додека ние сами се сопнуваме на сопствениот страв од непознатото.