Градоначалникот на Приједор, Слободан Јавор, изјави дека се работи за една од најголемите поплави во историјата на градот. Делови од Босна и Херцеговина се погодени од големи поплави по обилните врнежи во последните неколку дена. Најтешко се погодени северните и северозападните делови на земјата, каде што некои градови веќе прогласија состојба на природна катастрофа и воведоа вонредни мерки за одбрана од поплави. Додека реките Врбас и Врбанија во Бања Лука се повлекуваат, ситуацијата во Приједор се влошува.
Покрај Приједор, алармантно е и во Сански Мост и во околните населби. Приједор веќе прогласи вонредна состојба, а од градот пристигнуваат снимки на потопени стамбени и деловни објекти, како и возила. Тешка е состојбата и во приједорската населба Гомјеница, каде што куќите се под вода, а водената стихија меѓу нив носи сè пред себе. Водата стигнала до покривите на помошните објекти, а по дворовите пливаат автомобили, од кои се гледаат само крововите, пишуваат тамошните медиуми.