Димитар Ѓоргиев, брат на прерано загинатиот тапанар на „ДНК“, Џоко Ѓоргиев, започна кампања за собирање 30 илјади евра на платформата „Павел Андреев“, а со тие средства ќе биде подигнат споменик на плоштадот во Струмица во чест на Џоко и на останатите жртви на најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во дискотеката „Пулс“. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, ја сподели иницијативата, а кога ќе се види списокот на донатори, меѓу нив може да се најде и неговото име.
Од свои извори „Слободен печат“ дознава дека споменикот се планира да биде лоциран на плоштадот во Струмица, а се планира да го изработи познатиот сликар и вајар Митко Тошев, кој е професор по ликовна уметност во струмичката гимназија „Јане Сандански“. За микролокацијата на споменикот да биде внесена во планот на градот ќе бидат потребни две недели, а колку време би одзела изработката на споменикот не е познато. Во иницијативата пишува дека подигнувањето на споменик во чест на Џоко Ѓоргиев и другите 62 загинати е споменик на вечниот препород. Џоко Ѓоргиев имаше само 24 години – млад музичар со големо срце и талент што ги допираше сите околу него. На една обична вечер, на еден обичен настап, трагично ја изгуби битката со огнот свирејќи, давајќи љубов преку тапаните токму како што секогаш знаеше.
Огнот можеби го зеде неговото тело, но не и споменот, музиката и љубовта што ни ги остави. Како феникс, тој остана да лета меѓу нас во нашите сеќавања, во секој тон што ќе нè потсети на него, во секоја искрена емоција што ја остави зад себе. Ние сакаме таа искра да живее засекогаш. Затоа започнуваме иницијстива за подигнување на споменик во чест на Џоко Ѓоргиев – во неговата родна Струмица, и во чест на сите 62 згаснати звезди. Да не дозволиме неговото име да се заборави. Да се обединеме како негови пријатели, како негови сограѓани, како поединци што веруваат во музиката и човечноста. Тој свиреше до самиот крај. Да направиме неговиот удар на тапанот никогаш да не згасне, пишува во иницијативата.
За еден ден собрани се 1250 евра, а крајната цел се 30 илјади евра.