Стручната комисија на министерот за здравство, која што го испитуваше случајот каде 3-годишно дете со Даунов синдром од Кавадарци и тежина од само 3 килограми и 680 грама, наместо со амбулантно возило, за Скопје на доиследување на Детската Клиника било испратено со сопствено возило кое родителите го немале, не најде пропуст во ваквото постапување. Стручната комисија на министерот за здравство е задолжена да ги испитува стручните постапки на лекарите и затоа секогаш е составена од доктори.
По направениот стручен надзор во болницата во Кавадарци, комисија констатирала дека сите постапки биле навремено и уредно извршени. Вака одговараат од Министерството за здравство на прашање од МИА. Комисијата извршила надзор во болницата во Кавадарци, на 10 јуни.Претходно, на 6 јуни и државниот здравствен и санитарен инспекторат не најде недостатоци.
Мајката и таткото побараа стручен надзор зашто сметаат дека на детето не му било на ниеден начин помогнато. Поради тоа велат дека побарале упат за Детска Клиника Скопје, кој го добиле, ама не добиле амбулантно возило. Тие немале сопствено возило, па со оглед на тоа што на детето му се слошило во 3 часот ноќе, морале да чекаат до утрото да најдат некој да ги превезе до Скопје. Детето умре во рацете на мајката на патарина, на пат до Скопје. Целото сведоштво на мајката е на линкот во продолжение.