Струшкиот адвокат Глигор Ќатоски до парламентарните партии поднесе иницијатива за измена на членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со која основицата за пресметка на платата на функционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година. Според него, избраните и именувани лица треба да покажат солидарност со својот народ во време кога земјата се соочи со коронакриза, економска криза како и криза предизвикана од воениот конфликт во Украина, пишува СДК.
Со одлуката на Уставниот суд на 21 март годинава, се укинаа одредби од Законот за плата и други надоместоци, со што значително ќе се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите и ќе овозможи зголемување на платата за 78 отсто.
„Етички и морално да се направи е функционерите да покажат доблест и солидарност со својот народ, да направат соодветни законски измени за да не го дозволат тоа покачување на нивните плати, коешто е прилично големо“, вели Ќатоски.Ќатоски смета дека ваквата измена е неопходна оти финансискиот надоместок на избраните и именуваните функционери не треба да биде основен стимул за висока државна функција, туку одговорноста да се придонесе за општото добро и јавниот интерес.