Студентите во Србија ги блокираа влезовите на јавните радиодифузни сервиси во знак на протест, барајќи слободни и непристрасни медиуми. Полицијата интервенираше на повеќе локации, а протестите се проширија и во други градови. Студентите во Србија во понеделник навечер ги блокираа влезовите на Радио-телевизија Србија (РТС) и најавија дека блокадата ќе трае 22 часа. При обид да се блокира едниот влез во зградата, дојде до инцидент кога полицијата употреби сила против собраните демонстранти, обајви ТВ Н1. Иако редарите формираа жив ѕид, полицијата успеа да влезе во зградата. Студентите потоа поставија метални барикади на влезовите. Блокирана е и зградата на Радио-телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад, каде што има силно полициско присуство. Солидарност со студентите покажаа и граѓани во Крагуевац, кои се собраа пред Радио-телевизија Крагуевац (РТК). Во објава на социјалните мрежи, студентите порачаа дека излезите ќе бидат овозможени за сите вработени, но дека никој нема да влезе сѐ додека „РТС не се ослободи“. Тие ги повикаа граѓаните да им се придружат, објавувајќи: „Сите пред РТС – веднаш, сега!“. Студентите бараат донации за продолжување на блокадата Во текот на ноќта, студентите кои ја блокираат РТС објавија дека им се потребни донации во форма на чадори, ќебиња, екстерни батерии и вода, како и прехранбени производи како што се сокови, енергетски пијалаци, грицки и пецива. Донациите се собираат пред зградата на РТС во Белград. Полицијата во голем број околу студиото на РТС во Кошутњак
Во раните утрински часови, студентите објавија дека утринскиот дневник на РТС наскоро ќе биде емитуван, поради што побараа итно засилување за блокадата во Кошутњак. Полицијата е масовно присутна во дворот на студиото, а сите приоди се блокирани. На терен се три полициски комбиња и осум џипови, опремени за разбивање демонстрации. Официјални реакции и полициска интервенција Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека полицијата не интервенирала против студентите, но беше прекинат од претседателот Александар Вучиќ, кој рече: „Не можам повеќе да го слушам ова правдање“. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како полицијата применува сила врз демонстрантите. РТС во соопштение побара од студентите да ја прекинат блокадата, наведувајќи дека оваа акција е спротивна на нивните изјави за поддршка на слободата на институциите. Извор: Новинска агенција МЕТА