Директорката на Агенцијата за разузнавање Габриела Јаковлева по наредба на Христијан Мицкоски вршела внатрешна контрола во Агенцијата и му доставувала класифицирани информации, псевдоними на соработници, кои потоа премиерот јавно ги кажуваше. За нејзината работа, Јаковлева воопшто не ја информирала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Нова кривична пријава е поднесена до Обвинителството против директорката на Агенцијата за разузнавање Габриела Јаковлева за нејзиниот „поданички“ однос кон премиерот Христијан Мицкоски, по чија наредба вршела внатрешна контрола во Агенцијата и му доставувала класифицирани информации, псевдоними на соработници, кои потоа премиерот јавно ги кажуваше. За својата работа, Јаковлева воопшто не ја информирала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја именуваше на оваа функција и под чија надлежност е службата.
Кривичната што стигна до нашата редакција, а која како што ни потврдија, е стигната и во Јавното обвинителство, е со потпис „студенти од Факултетот за безбедност Скопје“. На повеќе од десет страници се нотирани кривичните дела за кои има сомнеж дека ги направила директорката, откако Мицкоски од собраниска говорница читаше делови од класифициран извештај од Агенцијата, споменувајќи псевдоними „Цилиндер“ и „Џокер“, кои наводно тајно го следеле.
Мицкоски, но и Сиљановска-Давкова во ТВ-настапи открија дека премиерот добил класифициран извештај од Агенцијата, дека наредил истрага внатре, во институцијата. „Слободен печат“ праша зошто директорката не ја известила претседателката за затворената владина седница на која присуствувала, а на која се разговарало за следењето на премиерот.
Во кривичната е анализирано кои членови од Законот за Агенцијата за разузнавање ги прекршила Јаковлева. Има сомнежи дека сторила четири кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, издавање службена тајна и злоупотреба на државна, службена и воена тајна.
Пријавата пристигнала, ни потврдија од Обвинителството
Од Обвинителството за „Слободен печат“ потврдија дека ваква пријава стигнала до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но поради надлежноста, пријавата е препратена во скопското Обвинителство и велат дека се постапува по неа.
Во пријавата се бара Обвинителството да утврди каков извештај е изнесен од Агенцијата и доставен до Владата, што содржи извештајот и дали можеби се доставени и псевдоними на други соработници. Дали се доставени оперативни извештаи и записници од внатрешни процедури и активности и дали евентуално се доставени идентитети на вработени во Агенцијата, но и дали биле презентирани невистинити содржини во извештајот до Владата, во кој, според пријавата, е невистинито прикажано дека постоело тајно следење, а што не е засновано на факти и аргументи и така е презентирана погрешна фактичка состојба и Владата е доведена во заблуда за да се нанесе штета на друг.
– Ова се потврдува и во интервјуто на премиерот за „360 степени“ каде што се констатира дека немало тајно следење, спротивно од она што било презентирано во извештајот. Тоа се индиции и за кривичното дело „фалсификување службена исправа“ – се вели во пријавата.Во неа, детално се прецизирани членовите од Законот за разузнавање, според кои произлегува дека е незаконско давањето класифицирани извештаи на Владата, потоа наредбата на Мицкоски да се спроведе внатрешна истрага во АР, како и објавувањето псевдоними.
Аргументите се дека АР е институција под надлежност на претседателот, односно, според Законот за АР, Агенцијата е посебен орган на државната управа, со која раководи директор што го именува и го разрешува претседателот и директорот му одговара на претседателот и дека е самостоен во извршувањето на работите во Агенцијата.
Владата во Законот за агенцијата за разузнавање се споменува само петпати
Во Законот за АР, Владата се споменува само петпати, и тоа во контекст што не се однесува на барање одговорност, давање задачи или испитување на работата на АР.
– Во ниту еден член од Законот за агенцијата за разузнавање не е предвидено дека Владата може да бара внатрешна истрага или внатрешна контрола во Агенцијата. Според член 7 став 5 од Законот за АР, единствено директорот донесува наредба за вршење внатрешна контрола. Владата не смее да дава задачи за спроведување „истрага“, бидејќи единствен надлежен орган е Судот и Јавното обвинителство – се додава во дел од пријавата.