Студент од економскиот факултет во Ниш попладнево повторно е приведен во полициска станица во врска со немирите на синоќешниот протест во Ниш, објави „Данас“. Тој потоа бил пуштен на слобода. Дел од јавноста неговото повторно приведување го доведува во врска со најавата на претседателот на Српска Напредна Странка Александар Вучиќ, дека државата како што кажа тој, ќе го заостри постапувањето кон демонстрантите што го кршат законот. Ќе барам од сите државни органи да реагираат во секој момент и на секое место да го заштитат поредокот и законот. Тие полицајци и обвинители кои нема да го заштитат поредокот и законот ќе бидат променети, рече Вучиќ денеска. Тој додаде дека одлуката на јавното обвинителство во Ниш да го пушти на слобода приведениот студент Матеја Николиќ кого го нарече „силеџија“ – за него е „језива вест“.
Студентите што протестираат а се од Универзитетот во Ниш, соопштиле дека после протестот приведени се тројца нивни колеги – Николиќ од правниот факултет, еден од економскиот и еден од филозофскиот факултет. Сите тројца се ослободени. Полицијата досега не ги објави причините поради кои ги приведе, ниту колку учесници во протестот се приведени. Обвинителството соопшти дека го сомничи Николиќ за „кривично дело насилничко однесување на спортски натпревар или јавен собир“. Во соопштението се вели дека го пуштиле на слобода откако признал извршување на делото во целост и прифатил спогодба со признание на кривична вина.