Само две порции јогурт неделно може да го заштитат цревниот тракт од одредени типови на рак, според нова долгорочна студија спроведена во САД, пишува „Саенс алерт“. Со години, научниците се сомневаа дека јогуртот и неговите живи бактерии имаат придобивки за гастроинтестиналното здравје, но не сите истражувања на оваа тема се усогласени околу тоа какви се тие придобивки и кога се постигнуваат. Оваа нова анализа помага да се објасни дел од таа конфузија. Епидемиолозите не пронајдоа значајна поврзаност помеѓу јогуртот и вкупниот број случаи на колоректален карцином – трет најчест рак во светот и втора водечка причина за смрт поврзана со рак. Сепак, кога истражувачите ги поделија случаите на колоректален карцином во подтипови, открија значајни резултати.
Наодите се совпаѓаат со неколку други набљудувачки студии, кои сугерираат дека консумирањето јогурт може да има антитуморски својства. „Нашата студија обезбедува уникатни докази за потенцијалните придобивки од јогуртот“, вели епидемиологот Шуџи Огино од Бригам и Женската болница и Харвард универзитетот. „Пристапот на мојата лабораторија е да се обидеме да ја поврземе долгорочната исхрана и другите влијанија со можни клучни разлики во ткивата, како што е присуството или отсуството на одреден вид бактерии. Ваквиот детективски пристап може да ја зајакне врската меѓу исхраната и здравствените исходи“. Иако резултатите се само набљудувачки, тие го опфаќаат здравјето и самоизвештаите за начинот на живот на 87.000 жени и речиси 45.000 мажи, кои биле следени повеќе од три децении. Базата на податоци на Огино и неговите колеги содржи вкупно над 3 милиони години индивидуални податоци за следење. Лицата дијагностицирани со колоректален карцином кои консумирале две или повеќе порции јогурт неделно имале 20 отсто помала веројатност да имаат тумор позитивен на бифидобактерија, во споредба со оние што консумирале помалку од една порција јогурт месечно. Ова особено важи за проксималните тумори во горниот дел од цревниот тракт.
Бифидобактериите се микроби кои се природно присутни во човечкото црево и во просечна чаша јогурт. Во околу 30 отсто од случаите на колоректален карцином, оваа бактерија се наоѓа во туморското ткиво, каде што обично е поврзана со особено агресивна форма на ракот. Бифидобактерија напредува во средина со низок кислород, каква што има во туморите, а нејзиното присуство во одредени тумори на дебелото црево сугерира дека таа поминува низ цревната бариера во ткивото на дебелото црево со поголема стапка од вообичаеното. Парадоксално, зголемениот внес на бифидобакрерија преку исхраната би можел да помогне во спречувањето на оваа „протекување“ на долг рок. Првичните студии сугерираат дека оваа бактерија може да има антиоксидативни, антиинфламаторни и имуноактивирачки ефекти, што може да влијае врз интегритетот на цревниот микробиом и полупропустливата бариера на цревата. Дали јогуртот може да ги обезбеди овие придобивки, ќе бара понатамошни истражувања, но набљудувачките докази се зголемуваат. „Нашето откритие сугерира дека внесот на јогурт може да има превентивен ефект против колоректален карцином поврзан со нарушена цревна бариера“, објаснуваат авторите на оваа анализа.
Во споредба со дисталниот рак на дебелото црево, кој предизвикува тумори во подолниот дел од цревниот тракт, проксималниот рак на дебелото црево има пониска стапка на преживување. Овие типови на рак исто така се во пораст. Идејата дека храната може да делува како превентивна медицина заслужува понатамошно истражување. Една рандомизирана студија од 2021 година на Универзитетот Стенфорд откри дека ферментираната храна, како што е јогуртот, може да влијае на микробиомот и имунолошкиот систем кај здрави возрасни лица. Епидемиологот Ендру Чан од Општата болница во Масачусетс, кој беше дел од оваа анализа, вели дека нивната студија „го надополнува растечкиот број докази кои ја илустрираат врската меѓу исхраната, цревниот микробиом и ризикот од колоректален карцином“. „Ова отвора дополнителни можности за истражување на специфичната улога на овие фактори во ризикот од колоректален карцином кај младите лица“.