И оваа година Општина Илинден ќе ги субвенционира граѓаните кои ќе купат инвертер клими или соларни панели. Јавниот повик е објавен, а износот кој го доделува Општината како финансиска помош изнесува 50 отсто од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел, но најмногу 10.000 денари по производ. Целта на повикот, како што истакна градоначалникот Александар Георгиевски е да се стимулираат граѓаните односно домаќинствата за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината.
Од Илинден соопштуваат дека барањата на граѓаните ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнување. Право на учество на Јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во општина Илинден кој ќе купи инвертер клима или соларен панел од денеска , 7 април, па сѐ до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена. За сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да се информираат директно во просториите на Општина Илинден или на општинаската официјална веб страница.