Велковски го водеше првото судење за пожарот во модуларната болница, кога во јуни 2023 година, поранешниот медицински директор на тетовската болница и поранешниот економски директор беа осудени на условна затворска казна од 1 година и 6 месеци, докторот што беше одговорен за Ковид центарот беше ослободен од обвинението, додека на тетовската болница и беше изречена казна од 1 милион денари. Судијата Јордан Велковски, кој го водеше повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово, се повлекол од предметот. Од тетовскиот суд велат дека тоа се случило на негово барање од здравствени причини, меѓутоа Велковски има многу други рочишта на календарот на рочиштата на судот, пишува Порталб.мк. По четири одложени рочишта за повторното судење за предметот за пожарот во модуларната болница што го водеше судијата Јордан Велковски, на петтото рочиште на чело на предметот дојде судијата Реџеп Муса. Oд тетовскиот суд велат дека Велковски се повлекол од предметот поради здравствени причини. „По разгледување на вашето барање, Основниот суд Тетово Ве известува дека по барање на судијата Јордан Велковски од здравствени причини, со одлука, предметот за модуларната болница според АКМИС системот е доделен на друг судија“, велат од тетовскиот суд за Порталб.мк.
Но, од судот не одговорија дали Велковски се повлекол и од другите предмети. Судот не ни достави ниту контакт информации од судијата Велковски. Од друга страна, според судскиот календар, Јордан Велковски има многу исполнета агенда на рочишта.

Од 24 март 2025 до 29 мај 2025 година се очекува Велковски да заседава со 60 рочишта. Ја проверивме веб-страната на судот и забележавме дека од рочиштата што ќе ги одржи судијата Велковски е повлечено само рочиштето за модуларната. Велковски дури закажал друго рочиште во исто време со следното рочиште за модуларната, сега веќе водено од судијата Реџеп Муса, на 03.04.2025 година во 10:00 часот. Доколку судијата се повлекол од други причини, тогаш неговата одговорност треба да ја утврди Судскиот совет кој оценува дали судиите направиле прекршоци. Од Судскиот совет ни потврдија дека ќе одговорат на прашањата што ги поставивме, но оттаму рекоа дека не знаат дали ќе можат да ни одговорат до вчера (21.03.2025), до објавувањето на овој текст не добивме одговор. Инаку, Велковски го водеше првото судење за пожарот во модуларната болница, кога во јуни 2023 година, поранешниот медицински директор на тетовската болница и поранешниот економски директор беа осудени на условна затворска казна од 1 година и 6 месеци, докторот што беше одговорен за Ковид центарот беше ослободен од обвинението, додека на тетовската болница и беше изречена казна од 1 милион денари. Меѓутоа, во мај 2024 година, Апелациониот суд одлучи да ја врати на повторно судење постапката против директорите, бидејќи првата пресуда била нејасна. Сепак, ниту првото, ниту повторното судење не се одржуваат за да се утврди зошто настанал пожарот, туку обвинетите се товарат за други кривични дела. Извор: Новинска агенција МЕТА