Со одлука на Судскиот совет, судијката Емине Калач од Основниот суд Велес, ќе биде времено делегирана во Судот во Кочани каде што во наредните два месеца ќе треба да помогне во работата и постапувањето во кривичниот оддел на кочанскиот суд кој е соочен со зголемен обем на работа поради трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“. Во барањето на кочанскиот суд, кое на денешната седница на Судскиот совет го образложи судијата известител Исамедин Лимани, се наведува дека Судот се соочува со проблеми при составување на кривични совети за постапување во предмети во кривична постапка.
По случајот со пожарот, отежнато е постапувањето по редовните предмети и се јавува застој во работењето. Ги зедов предвид податоците од судовите во Велес, Штип и Струмица и со оглед дека треба интервентно да се дејствува, предлагам да биде судија од Велес сè до одлука на комисијата“, рече Лимани на денешната седница на Судскиот совет. Во врска со ваквата одлука на Судскиот совет, подоцна се произнесе претседателот на ова тело Александар Камбовски. Тој рече дека ситуацијата со недостиг на судии во Кочани нема да се реши, туку ќе се ублажи со делегирањето на судијката од велешкиот суд.