Рамиз Мерко, градоначалник на Струга доби ослободителна пресуда во случајот поврзан со набавката на луксузниот автомобил „ауди“ во вредност од 67.000 евра, поради недостиг на докази дека сторил кривично дело. Судот утврди дека во процесот на јавната набавка нема докази кои укажуваат дека Мерко имал намера да ја злоупотреби својата службена положба. Неговиот адвокат, Игор Петковски, изјави дека пресудата покажува оти не било сторено никакво кршење на законот при набавката на службените возила, чија вкупна вредност изнесува 114.000 евра.
Мерко се товареше за злоупотреба на службената положба, поради набавка на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.