Мандатарот Мицкоски не обелоденува детали на кој начин мисли со законски измени да го распушти Судскиот совет, кој според Уставот е самостоен и независен орган на судството што ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, а во Законот за судски совет не е предвидено колективно распуштање
Судскиот совет по подолго време се очекува да биде во комплетен состав со 15 члена, по денешните избори за двајца членови – еден од редот на врховните судии и уште еден од редот на судиите од апелациското подрачје Битола. По заклетвата на избраните членови во Собранието, по пауза од една година во Советот повторно ќе има 13 члена со право на глас, плус двајцата членови по функција, а без право на одлучување – министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.
Но, на овој состав на Судскиот совет му се заканува распуштање од идната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ, што претседателот на партијата и мандатар за состав на идната влада Христијан Мицкоски со денови го повторува. И денеска, на денот на изборите за два члена што по закон ќе имаат шестгодишен мандат со право на реизбор, Мицкоски повтори дека му е потребно двотретинско мнозинство за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Тој повтори дека има предизвик да формира двотретинско мнозинство во Собранието, меѓу другото, токму и за да ги распушти двата совета.
– Имаме силен реформски циклус, посебно во оној дел што треба да дојде до објавување на жесток фронт против криминалот и корупцијата, а за тоа да се случи треба главните столбови, обвинителството и судството да бидат ослободени од малкумината партизирани обвинители и судии. Тоа ќе се направи со распуштање на две институции, а тоа е Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. За тоа да се случи потребно е измена на соодветните закони, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието – рече денеска Мицкоски.
Мандатарот не обелоденува детали на кој начин мисли со законски измени да го распушти Судскиот совет, кој според Уставот е самостоен и независен орган на судството што ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Во Законот за судски совет, пак, не е предвидено колективно распуштање, туку само во кои случаи престанува мандатот на еден член – по истекот на времето за кое е избран, на негово барање, ако е разрешен од судиската функција, ако е осуден за злоупотреба на службената должност, ако му се утврди трајна неспособност или ако е избран на друга јавна функција.
Судиите од Врховниот суд на гласачкото ливче денеска имаат избор помеѓу два кандидата – Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а судиите од судовите од битолското апелациско подрачје избираа помеѓу судиите Александар Камбовски и Татјана Сусулеска, кои се судии на Апелација Битола и Александра Поп Стефанија, која е судија на Основен суд Охрид. На само три дена пред гласањето, Судскиот совет мораше на итна седница да констатира дека судијката Периќ доставила изјава дека се повлекува поради здравствени причини, но Советот не ѝ дозволи да ја откаже кандидатурата во таа фаза од изборите. Со оглед на изјавеното од Периќ, реално е да се очекува дека колегите врховни судии ќе го почитуваат нејзината желба за повлекување од трката, но исходот од гласањето сè уште не е познат.
Според актуелниот закон, за избор за член на Судскиот совет не е потребен цензус на изборите, што значи дека член може да се избере и со само еден глас „за“, ако само еден судија се појави на гласањето. Овој пропуст во Законот за Судски совет ќе се исправи со законските измени што веќе подолго од половина година ги подготвува работна група во Министерството за правда, врз основа на препораките на Оценската мисија на ЕУ, која лани ги скенираше состојбите во Советот, по скандалите во највисокото тело во правосудството.
Советот остана без два члена лани напролет по скандалозната смена на претседателката Весна Дамева, кога врховната судијка Мирјана Радевска – Стефкова и апелацискиот судија Зоран Герасимовски поднесоа оставки. Минатото лето на изборите за нови членови беа избрани Антоанета Димова и сега притворениот Наќе Георгиев, кој веднаш си поднесе оставка за да може сим му да биде избран за судија. Пред три месеци во пензија замина членот Мери Радева, со што во Советот останаа две упразнети места.