Сушењето алишта во домот е опасно, а ова го потврди студија на научници од Универзитетот во Манчестер, која ги истакна сите ризици на кои се изложуваме кога сушиме алишта во затворен простор, пишува „Живим“. Според авторите, ризикот значително се зголемува ако облеката ја поставиме на радијатори или во нивна непосредна близина. Главниот проблем е тоа што тогаш значително се зголемува нивото на влага во воздухот, создавајќи идеална средина за размножување на опасни мувли. Доколку ги вдишеме спорите што тие ги испуштаат, можеме да добиеме тешки воспаленија на белите дробови. Особено опасни се спорите на габата Aspergillus.
Оваа мувла може да ги нападне луѓето, но во нормални околности, нашиот имунолошки систем е доволно силен за да се справи со неа без сериозни последици. Сепак, за лица со астма или ослабен имунолошки систем, било поради болести или терапии, ризикот е многу висок и може да доведе до белодробна аспергилоза. Мувлата се шири преку спори што ги вдишуваме, а високиот процент на влага во комбинација со недоволна вентилација создава идеални услови за нивно размножување. Стручњаците препорачуваат алиштата да не се сушат во затворени простории. Најдобриот начин е сушење на отворено. Сепак, ова е тешко остварливо во зима или кога врне дожд. Една опција се машините за сушење алишта, кои се многу ефикасни и практични, но воедно и скапи. Ако мора да сушите алишта во затворен простор, редовно проветрувајте ги просториите. Дополнително, можете да користите апарати за одвлажнување на воздухот, но тие треба да бидат вклучени само за време на сушењето на алиштата. Во зимските месеци, радијаторите го сушат воздухот, па затоа е важно да се одржува оптимално ниво на влажност во домот. Идеалните вредности за влага во затворен простор се меѓу 40 и 60 проценти, во зависност од температурата и проветрувањето. Генерално, при собна температура од 20 степени, оптималното ниво на влага е околу 50 проценти.