Одмаздата е неизбежна. Мора да се запомни: нашата армија активно напредува и ќе продолжи со својата офанзива, истакна експретседателот на Русија, Дмитриј Медведев.
Заменик претседателот на Рускиот совет за безбедност и поранешен руски претседател, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека целта на Москва во разговорите со Украина во Истанбул е да постигне целосна победа.
– Преговорите во Истанбул се потребни, не за компромисен мир – заснован на измислени и нереални услови – туку за наша најнепосредна победа и за целосно уништување на неонацистичките власти. Тоа е смислата на рускиот меморандум, што беше објавен вчера – наведе Медведев.
Во рускиот меморандум се бара Киев да предаде голема територија, неутрален статус на Украина, ограничување на бројот на украинската армија и спроведување нови парламентарни и претседателски избори.На вчерашната втора рунда од директните преговори помеѓу Русија и Украина во Истанбул е договорена нова размена на воени заробеници и размена на телата на загинатите војници.
Медведев најави и одговор на украинскиот напад врз руските воени аеродроми.
– Одмаздата е неизбежна. Мора да се запомни: нашата армија активно напредува и ќе продолжи со својата офанзива. Сè што треба да се разнесе сигурно ќе биде разнесено, а оние што треба да се истребат ќе исчезнат – истакна Медведев.