На само 39 годишна возраст почина поранешниот кошаркарски репрезентативец на Србија, Драган Лабовиќ.
„Со голема тага, Кошаркарската федерација на Србија ја прими веста дека нè напушти нашиот поранешен репрезентативец Драган Лабовиќ. Федерацијата упатува најискрено сочувство до семејството“, стои во соопштението на КСС.
Лабовиќ е роден на 20 април 1987 година во Прокупље. Кошаркарската кариера ја започна во Здравље, а како голем талент рано се пресели во ФМП, каде играше од 2003 до 2010 година. Во текот на својата кариера настапуваше за бројни клубови ширум Европа и светот: грчки Арис, германски Франкфурт Скајлајнерс, руски Јенисеј, Красноје Крило, Нижни Новгород, полски Кожалин, турски Аљага, либански Ал-Ријад, романски Асесофт Плоешти, Истанбул, Карпош Соколи, финска Нокија и други. Во дресот на ФМП го освои Купот на Радивој Корач во 2007 година, а во сезоната 2008/2009 беше најдобар стрелец во Јадранската лига со просек од 18 поени по натпревар.
Како младинец, Лабовиќ беше член на златната генерација на Србија. Во 2003 година со селекцијата до 16 години ја освои златната медала на Европското првенство, а истиот успех го повтори и со селекцијата до 20 години во 2006 година во Измир и 2007 година во Горица. За сениорската репрезентација на Србија дебитираше под водство на Зоран „Мока“ Славниќ и настапи на Европското првенство во 2007 година во Шпанија. Пет години подоцна беше на проширениот список на селекторот Душан Ивковиќ за ЕП, но во последен момент беше отстранет. Во септември 2012 година испрати јавно писмо до медиумите, обвинувајќи дека селекторот Ивковиќ бил под влијание на една менаџерска агенција и дека токму поради тоа не добил место во репрезентацијата.