Photo by Aris Messinis/AFP via Getty Images
Украина изгуби помалку од 10% од артилериските системи „Цезар“ поставени на камиони што ги доби од Франција и Данска, поради нивната голема мобилност што резултира со повисока стапка на преживување споредено со некои други мобилни или влечни системи, вели францускиот производител „KNDS Nexter“.
Загубите за некои други самоодни или влечни системи во војната на Украина со Русија изнесуваат речиси 30%, се вели во изјавата на компанијата за „Defence News“, без да се наведат конкретни детали.
Францускиот „Цезар“ е најлесниот мобилен топ кој користи муниција од 155 мм. Овој артилериски систем може да истрела шест гранати во рок од една минута пред да се оддалечи од позицијата за стрелба, артилериската тактика позната како „пукни – бегај“. Закани кои се појавија на бојното поле покажаа дека мобилноста е најдобрата заштита на системот, а не дострелот на топовите.
„Употребата на беспилотни летала и високотехнолошка муниција стана вистинска закана на 40 километри од фронтот, каде што дејствува Цезар“, се вели во изјавата на Некстер.
„Неговата мала тежина и способноста да ја напушти својата позиција за помалку од една минута за да се избегне контранапад против системот се главни предности“.
Украина доби 55 единици од овој систем, од кои 36 испорачани од Франција, вклучувајќи шест купени оваа година, а други 19 донирани од Данска.
Покрај францускиот топ, Украина управува со артилериски системи од 155 мм, вклучувајќи го влечениот американски „М777“ и мобилните системи како што се германскиот Панцерхаубице 2000, полскиот Краб и шведскиот Арчер.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну во вторникот ја посетија локацијата „Некстер“ во Версај надвор од Париз за да разговараат за коалицијата предводена од Франција и САД за снабдување со артилерија и муниција на Украина.
Франција, Данска и Украина се договорија за финансирање на купување на 78 системи Цезар за Украина во 2024 година како дел од коалицијата, рече Лекорну минатата недела. Тоа ги вклучува шесте веќе испорачани оваа година.Некстер го зголеми месечното производство на Цезар на шест од два пред војната, а целта „во времето што доаѓа“ е 12 топови месечно, рече Лекорну на прес-конференцијата по посетата.Целта е да се достигне новиот капацитет во рок од една година, а компанијата веќе има инвестирано за да го зголеми производството на компонентите на системот.