Општина Кисела Вода објави јавниот повик за доделување награди на талентирани ученици и спортисти од основните училишта на територијата на Кисела Вода. На повикот, како што информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, можат да се пријават најдобрите основците што постигнале одлични резултати на натпреварите во образованието, културата, науката и спортот, кои ќе добијат финансиска поддршка. Мешовити комисии составени од претставници на советите на родителите, наставничките совети, општинската администрација ќе се погрижат за објективен и транспарентен избор на најдобрите, согласно правилниците донесени од Советот на општинат, за таа намена.
Огласот е објавен на веб страната на општината и ќе трае пет дена од денот на објавувањето, а покрај објавата на општинската веб-страна и социјалните медиуми, тој ќе биде објавен и на огласните табли на сите воспитно-образовни установи во општината. Сите заинтересирани ученици за потребните документи и критериуми можат да се информираат во јавниот оглас, во кој не е наведен износот на наградите што ќе се доделуваат.