Општина Карпош и годинава ќе доделува стипендии за талентирани ученици од основните училишта, како и стипендии за талентирани ученици спортисти. Јавните огласи се објавени денеска, а еден од условите е учениците во наредната учебна година да се редовни ученици во осмо или деветто одделение и да се жители на Карпош.
Покрај ова, оние кои ќе аплицираат за стипендија за талентирани ученици потребно е да имаат освоено I, II или III место на акредитирани натпревари и да оствариле континуиран одличен успех во VI и VII одделение за ученици од VIII одделение, односно во VI, VII и VIII одделение за ученици од IX одделение. Според освоените награди ќе се врши рангирање, а висината на стипендијата изнесува – за втора категорија 3.000 денари месечно за освоени од 8 до 15,5 бодови, а за прва категорија 3.500 денари месечно за освоени 16 и повеќе бодови. Стипендиите ќе се доделуваат за осум месеци во текот на учебната 2025/2026 година.
За вториот вид стипендија ученикот спортист потребно е да има постигнување на индивидуални спортски резултати, потврдени од матичната национална спортска федерација и да се во согласност со календарот на натпревари на националните федерации за периодот од 01.09.2024 година до завршување на огласот. Висината на стипендиите и во овој случај е 3.000 или 3.500 денари месечно во зависност од рангирањето. Од Општината прецизираат дека еден кандидат може да оствари право само на една стипендија. Рокот за поднесување на документите е до 25.06.2025 година. За сите детали и потребни документи заинтересираните можат да се информираат во јавните огласи објавени на веб страницата на Општина Карпош.