Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечерва по тричасовниот состанок на Централното председателство во Тетово и со раководствата на сите ограноци на партијата, соопшти дека едногласно одлучиле на локалните избори да поднесат сопствени, самостојни листи за советници, додека се уште не се знае дали ќе настапат и со свои кандидати за градоначалници, одвоено од коалицијата „Вреди“.
„Не излегуваме од коалицијата „Вреди“, излегуваме со наши листи за советници. За кандидатите за градоначалници не е дефинитивно. Не може четири-пет луѓе од „Вреди“ да одлучуваат за кандидати за градоначалници без сондажи и анкети на јавното мислење“, рече Таравари. Тој додаде дека за неговата партија е неприфатлив ултиматумот од партнерите во „Вреди“ околу кандидатите за градоначалници.
„И ултиматумот кој ни го поставија од „Вреди“, да одговориме до денеска, исто како и предлогот да сме седнеле ние лидерите, да сме кажеле кои ке бидат кандидатите, за нас не е прифатлив и го отфрламе, рече Таравари, кој не сакаше да потврди дали ова значи дека ја напуштаат владејачката коалиција и дали „Вреди“ по ова ќе опстои. Пред почетокот на состанокот, Халил Снопче за „Телма“ изјави дека Алијанса не била консултирана од страна на коалиција „Вреди“ при распределбата на градоначалничките и советничките места и дека сите нивни предлози се одбиени.