Фадил Цана, директорот на универзитетската Клиника за заразни болести и Башким Шабани, директор на универзитетската Клиника за урологија ја повлекоа поддршката на Арбен Таравари, објави порталот „Алфакс“.
„Оваа нивна постапка доаѓа веднаш по одлуката на Таравари да се раздели од коалицијата ВРЕДИ – потег што предизвика раскол во Алијансата за Албанците. Одлуката за отцепување од ВРЕДИ и за излегување од Владата мнозинството членови на АА ја сметаат како еднострана и таа нема целосна поддршка од структурите на партијата“, пишува порталот. Инаку, вчера група поранешни функционери и членови на Алијансата за Албанците кои не се согласуваат со политичкиот курс на Арбен Таравари одржаа прес-конференција, на која порачаа дека граѓаните сакаат продолжување на промените, а не враќање на стариот режим. Меѓу говорниците беше и поранешниот министер Азир Алиу, но и актуелниот Арбен Фетаи. Незадоволните членови истакнаа дека не прифаќаат соработка со ДУИ за претстојните локални избори, како што најави Таравари, и порачаа дека нема да ја напуштат битката „на половина пат“.