Висок владин функционер за „Слободен печат“ вели дека одлуката на Алијанса да оди со свои листи на локалните избори, не менува ништо во односите во Владата, дури и ако Вреди ја исклучат партијата на Таравари од нивната коалиција. Во таков случај, Алијанса како партија ќе остане партнер во Владата.
Одлуката на Алијанса за Албанците со свои листи за советници да ги трча локалните избори веројатно ќе ја чини исклучување од коалицијата Вреди, но нема да ја помести нивната позиција во Владата на Христијан Мицкоски. Лидерите на Вреди Изет Меџити, Билал Касами и Зекирија Ибрахими попладнево решаваат дали Алијанса останува во коалицијата и дали е можна соработка со партијата на Таравари за градоначалничките кандидатури. Ако се суди според изјавите на Меџити, Вреди го завршува партнерството со Таравари зашто веќе му поставија ултиматум да одлучи дали е со нив или е со ДУИ, бидејќи и едното и другото не може. Ова, пак, се очекува дополнително да ги комплицира односите во владината коалиција зашто Мицкоски ќе треба да балансира меѓу лидерската тројка од Вреди и Алијанса, затоа што според Вреди, евентуалната соработка на Таравари со ДУИ на изборите ќе значи испорачани фактури од Али Ахмети до Владата.
Несогласувањата во Вреди кулминираа откако Таравари не се согласи со Меџити, Касами и Ибрахими на локалните избори коалицијата да настапи со заеднички листи за советници и кандидатите за градоначалниците да ги избираат лидерите, а не анкетите и сондажите.

Меџити иако беше воздржан пред состанокот со Касами и со Ибрахими, сепак потврди дека на маса е и исклучување на Алијанса од коалицијата Вреди. – Да разговараме и ќе видиме. Се е на маса – рече Меџити. Висар Ганиу од Демократско движење рече дека коалицијата на изборите треба да се натпреварува заедно. -Дали одлуката на Таравари е исправна, ќе видиме – вели Ганиу. Одлуката за самостоен настап на изборите вчера ја донесе Централното претседателство на Алијанса, но за Таравари ова не значи дека Алијанса излегува од Вреди и од Владата.

Ибрахими за „Слободен печат“ вели дека Вреди останува на позицијата за заеднички кандидати на изборите, а прашан дали ќе ја исклучат Алијанса од коалицијата, вели дека за тоа ќе решаваат. – Вреди продолжува и за локалните избори со заеднички кандидати за градоначалници и за советнички листи. За секоја друга соработка ќе одлучи координативното тело на коалицијата – вели Ибрахими. Таравари, од друга страна, потенцира дека не излегуваат од Вреди, но ако тројцата лидери одлучат поинаку, Алијанса ќе донесе своја одлука. Инаку, Алијанса, која сè уште се смета за дел од Вреди нема намера да излезе ни од Владата.
Висок владин функционер за „Слободен печат“ вели дека одлуката на Алијанса не менува ништо во односите во Владата, дури и ако Вреди ја исклучат партијата на Таравари од нивната коалиција. Во таков случај Алијанса како партија ќе остане партнер во Владата.
Практично, Мицкоски има интерес Алијанса да остане владин партнер зашто партијата на Таравари во Собранието брои пет пратеници, односно како што знае да каже премиерот, власта има безмалку двотретинско мнозинство во Собранието или 78 пратеници. За можната соработка со Алијанса на Зијадин Села, Таравари рече дека сите се добредојдени. – Реков, сега 90 отсто од партијата е тука, 10 отсто останаа. Оваа куќа е отворена и голема. Сите се добредојдени. Исен Шабани дојде пред десет дена, многу активисти се дојдени, многу што апстинирале три-четири години се враќаат. И вратата за Села е отворена – рече Таравар.
Впечатливо е дека Таравари не мисли на обединување на двете Алијанси, туку на преминување на сопартијците на Села и на членството во Алијанса на Таравари.
Од партијата на Села, пак, брифираат дека не е можна соработка со Таравари.
За нападите од коалициските партнери Меџити и Касами, Таравари вели дека од неговата партија досега не кажале ништо лошо за другите во коалицијата и дека ќе продолжат да бидат конструктивни. – Ние како партија, сите членови или да речам повеќето, не сме кажале ништо лошо за нив и ние така размислуваме политички. Секогаш треба да се оставаат врати за комуникација со сите. Меѓутоа, од другата страна не беше баш така. Бевме нападнати грубо, знаете со нула, еден, волкот, јагнето итн. Така што ние ќе продолжиме да бидеме конструктивни, да ги слушаме, да оставаме секогаш простор за соработка и ако може продолжување на соработката, меѓутоа ова се наши ставови за кои имаме дефинитивна одлука и нема враќање назад – рече Таравари.