Клиниката за онкологија денеска ќе добие два од биолошките лека што недостасуваа за пациентите а до понеделник сите 60-тина пациенти што беа оставени без терапија ќе ја имаат, уверува министерот за здравство Арбен Таравари. Терапијата е стигната, утре уште два лека ќе стигнат, а во понеделник уште три. Практично ќе ги има сите лекови што ги немаше досега. Првпат се случува откако сме на власт, 10 дена да нема терапија, но 95 проценти од пациентите имаат терапија, а недостасуваше само за 5 проценти. А оваа набавка што сега ја користиме не сме ја направиле ние, туку е направена од тие пред нас. Но тоа е ирелевантно за пациентите. За нив е битно да има лекови. И еден пациент да нема – многу е, рече Таравари. Запрашан дали е вистина дека се трошат последните количества имунолошка терапија на Клиниката за онкологија (терапија различна од биолошката), министерот одговори: -Се надевам дека и тоа ќе го покриеме набрзо и нема да има криза. Се обидуваме да изгаснеме пожари што однапред се предизвикани. Не сакам да се правдам или да барам кој е крив, ама овие тендери за оваа количина се претходно направени. Сега со новото снабдување со лекови се надевам дека идната година нема да се случи наредниот јануари и февруари да недостасуваат одредени лекови.
Информиран дека дел од пациентите се жалат оти го нема лекот „сандостатин“ Таравари вели дека има лекови што се произведуваат помалку и нема кај да се најдат. -Тоа не е наша вина. Тоа е стар лек на позитивна листа но ако снабдувачот не го донесе во Македонија, не сме ние криви. На тие што го произведуваат, им недостасува или го носат на друг пазар и не е по наша вина, вели Таравари. Министерот присуствуваше на настан организиран од Светската здравствена организација за да се промовира разработувањето на национална стратегија за здравството до 2030 година со препораки за реорганизација на системот. -После овие јавни дебати планирам да ги повикаме и здравствените комисии на политичките партии и да имаме стратегија за здравството во Македонија која што ќе биде што пошироко прифатлива од сите партии и чинители, рече Таравари.