Ѓорчевски рече дека за време на потрагата по неговата ќерка не сакал да помислил оти таа е убиена и дека сфатил оти полицијата, наместо да трага по девојчето, сакала да дознае и извлече нешто од него. Одговори на само едно прашање поставено од првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо, по што на сите следни прашања кажа дека нема коментар. Таткото на убиеното девојче Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, денес одговараше на прашања на Обвинителството во продолжението на рочиштето од судскиот процес за двојното убиство – на Вања и велешанецот Панче Жежовски. Ѓорчевски рече дека за време на потрагата по неговата ќерка не сакал да помислил оти таа е убиена и дека сфатил оти полицијата, наместо да трага по девојчето, сакала да дознае и извлече нешто од него. Александар Ѓорчевски беше распрашуван за договорот за префрлање, односно дарување на становите што тој ги поседувал, на двете ќерки – Вања и Миња. Ги негираше инсистирањата на обвинителката дека намерно ја одолговлекувал солемнизацијата на договорот на нотар за децата да бидат внесени во имотните листови како сопственици.
За првообвинетиот Љупчо Палевски- Палчо рече дека првпат слушнал кога Палевски ја градел зградата „Тифани“ во 1990-тите години. „Тоа било многу одамна и воопшто не ми бил важен објектот ‘Тифани’. За Палевски немав слушнато, во комшии зборувавме ‘Упа’ и на телевизија се користеше името на таа фирма ‘Упа’“, рече Ѓорчевски. Кажа дека на снимките кои ги прегледувале со Гоце Трајковски не се гледа која марка е возилото, ниту колку луѓе има во него, ниту пак регистарските таблички. За „цитроенот“, пак, рече дека прво за тоа возило дознале од системот „Безбеден град“, па потоа дознале за случајот со Панче, па дека колата е запалена и тоа било во растојание од неколку денови. „Ако добро разбрав, Гоце прв ја известил полицијата и открил дека запалениот ‘цитроен’ е тоа возило“, праша обвинителката, на што Ѓорчевски одговори: „Мојата перцепција е дека Гоце го забележал ‘цитроенот’ на ‘Сејфсити’ па ги известил инспекторите. Не се сеќавам дека јас сум пратил некои видеа на инспекторот, но ако така сте евидентирале, тогаш така е“.
На рочиштето прашања до Александар Ѓорчевски упатуваше и Љупчо Палевски-Палчо. На прашањето дали Ѓорчевски знае дека тој (Палчо) имал комуникација со кој било член од семејството, Ѓорчевски одговори дека првпат го видел во судница и оти не познава „ниту од втора рака“ човек што го познава него, вклучувајќи го и семејството. По ова, Ѓорчевски кажа дека повеќе нема да одговара на прашањата на Палчо, а откако судот предочи дека Палевски има право на прашува, Ѓорчевски на сите следни прашања одговараше дека нема коментар. Извор: Новинска агенција МЕТА