На денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеше таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, кој е еден од обвинетите. Тој, со емоции и плачење, одговараше на прашањата на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. -Психички не сум сигурен колку сум подготвен, но сакам да дадам исказ, пред се поради Вања. Во текот на истрагата, тука во судницата беа изнесени ноторни невистини. Сакам да зборувам и заради Миња, сакам да и порачам дека тато е истиот човек кој последен пат го виде, на 4 декември 2023 година. Оттогаш навака претставен сум во екстремно спротивно светло од она што сум. Се решив да ги потиснам емоциите и да го дадам овој исказ. Да соберам сила и храброст поради сите оние што ме познаваат и страдаат со мене, но и поради оние што не ме познаваат, да ја кажам вистината. Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе за кои приметив дека не чуствуваат ниту вина, ниту покајание. Приметив дека демонстрираат гнев и разочарување од т.н. ,,Цар”.
Одново и одново слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува. Ја трескале во гепеци, ја ставале во вреќа, психички и вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаат трагите, како и за убиството на Панче и да успееле во тоа Господ знае уште колку киднапирања и убиства ќе следувале. За себа сметам дека давам голем придонес во истрагата. Контактите на Гоце со полиција и со Безбеден град. Ќе повторам, ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не приметив дека има вина и покајание, дека ќе престанеле со дејствата, изјави Ѓорчевски. Тој истакна дека другите обвинети никогаш не ги познавал, ниту додека трајат рочиштата можел да ги гледа. -Претежно мижам во судница, ни тука не можам да ги гледам. Во минатото имам слушнато, се крена врева околу објектот ,,Тифани”, во чија близина живеам, јас тогаш за прв пат слушнав за Палевски. Го именуваа како Упа. Го немам видено на телевизија, ниту запознаено. Комшиите зборуваа дека е голем бизнисмен, дека му го стопирале објектот, дека Партизанска е блокирана. Тогаш дознав дека живее во околината на Песталици, со голем двор, луксуз, и дека наводно имал куче. Исто така Зорица со родителите, во периодот кога почнавме да се забавуваме, живееше во зграда позната како зградата на Упа, изградена од Страшо директор на Гранит, рече таткото на Вања.
На прашањето на адвокатот, како му бил односот со децата, тој рече: -Односот беше, љубов на прв поглед, поготово со Вања. Јас ги чував од малечки, се грижев за исхраната, додека беа болни, ги анимирав. Бевме среќно семејство. Бев загрижен родител, загрижен за здравјето и каде се движат. И кога пораснаа имавме апликација за да го следиме движењето на мобилниот. Во секое време знаевме каде се. Беа добро воспитани, ангели, кукли. Дури кога ќе останеа сами обавезно се јавуваа или кај мене или кај Зорица и телефонски да им правиме друштво по патот по дома. Тој раскажа дека викендот, пред убиството, децата биле кај него на ручек. Откако подоцна се договориле да излезт со друштво, тој бил задолжен да ги носи со кола, зошто почнало да врне. Појаснуваше како секогаш се грижел за нивната безбедност, дека ги пречекувал и земал од средбите со друштвата. На прашањето што се случило утрото на 27 ноември (денот кога е грабната Вања), тој рече: -Се случи лудило. Добив телефонски повик од Зорица. Викаше дека Вања ја нема, рече Александа.
Тогаш појасни дека поранешната сопруга тргнала кон него. Ја отворил и апликацијата за следење на Вања, по што видел дека последен пат е регистрирана кај Партизанска. -Веднаш знаев дека нешто не е во ред. Телефонот беше исклучен. Зорица ме праша дали да пријавиме во полиција. И реков апсолутно да пријави. Влеговме во кола. Зорица разговараше со колешка и и рече да најде слика од Вања и веднаш да објави на социјалните мрежи. Се упативме на местото каде што беше последниот сигнал од Вања. Приметив напуштена куќа и влегов внатре да ја пребарам. Тогаш ми се јавија од полиција и рекоа да се вратиме да дадеме изјави. Не се сеќавам што разговаравме. Бевме избезумени, рече Ѓорчевски. Потоа се вратил на местото каде што ја барале Вања, и заедно со полицајци продолжиле да бараат. -Во глава ми се свртеа безброј сценарија. Едно од нив ми беше дека некој ја удрил со кола и ја однел во болница. Имам братучед кој работи во ,,8 Септември”. Му кажав што се случило и ме викна да одам кај него. Инсистираше да ми дадам нешто за смирување. Се движевме по некакви ходници и проверуваше дали е примено повредено девојче. Се јавивме и на Клиниката на Водно, но и од таму ни дадоа негативен одговор. Не ме држеше место. Излегов и влагов во кола, сведочеше Александар.
Рече, дека наредно сценарио му било дека некои пијаници или наркомани во Дебар Мало ја повлекле во кола. -Се надевав дека ќе ја пуштат по пат. Исто така едно од сценаријата кои ми се мотаа низ глава беше дека е киднапирана и ме фати страв да не ја изнесат од државата. Почнав да вртам. Се јавив на секретарка кај бивши функционер во полиција, за да се проверуваат возилата на граничните премини. Таа не ми се јави, па му свртев на нејзиниот сопруг, кој ми е поранешен колега. Потоа таа ми се јави. Пренела и рече да не се секирам од тој аспект и дека ниту мува нема да може да прелета. Решив да тргнам кон преминот Блаце. Но кај Александар Палас беше невидена гужва, па свртев назад и се вратив на претходното сценарио, да се движам по Партизанска со надеж дека некаде по пат ќе ја најдам. Зорица ги извести и родителите од училиште. Почнав да добивам пораки на вибер групите. Една беше дека е паметно да се прегледуваат камери по патот до училиштето. Тоа ми се виде многу пологично од бесцелното возење и тргнав кон Центар, рече таткото Александар. Судењето е во тек.