Неговото тело, изложено во отворен ковчег, ќе биде пренесено од капелата на ватиканската резиденција каде што живееше до базиликата „Свети Петар“, преку централната врата, во голема процесија. Телото на папата Франциск ќе биде пренесено во базиликата „Свети Петар“ во среда наутро, каде што ќе биде изложено три дена за верниците да можат да му оддадат последна почит, пред погребот на кој се очекува да присуствуваат светски лидери, меѓу кои Кир Стармер, Емануел Макрон и Доналд Трамп, пренесува Гардијан. Франциск, реформатор кој направи пресврт во Католичката црква, почина во понеделникот на 88-годишна возраст од мозочен удар и срцев застој, со што заврши неговиот често турбулентен 12-годишен понтификат во кој постојано се судираше со традиционалистите и се залагаше за сиромашните и маргинализираните.
Неговото тело, изложено во отворен ковчег, ќе биде пренесено од капелата на ватиканската резиденција каде што живееше до базиликата „Свети Петар“, преку централната врата, во голема процесија што ќе започне во 9 часот по локално време, придружена со кардинали и латински пеења. Се очекува многу католици и добронамерници да дојдат да му оддадат почит на духовниот водач пред тој да биде погребан. По верската служба, јавноста ќе може да го посети покојниот папа до петок во 19 часот, додека погребот е закажан за сабота наутро. Службата ќе се одржи на отворено, на плоштадот Свети Петар, и ќе ја води деканот на Колегиумот на кардиналите, 91-годишниот Џовани Батиста Ре. Се очекува присуство на десетици илјади луѓе. Италија се подготвува за голема безбедносна операција за време на погребот, бидејќи викендот ќе биде дополнително оптоварен поради државниот празник на 25 април. Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози изјави дека властите очекуваат меѓу 150 и 170 странски делегации и десетици илјади луѓе.
Италијанската полиција го засили обезбедувањето за време на изложувањето на телото и погребот, со пешачки и коњички патроли околу Ватикан, каде што и понатаму пристигнуваат поклоници за прославата на Светата година што ја отвори Франциск во декември. Трамп, кој често се судираше со папата по прашања за имиграцијата, ќе биде придружуван од првата дама Меланија. Лидери од Италија, Франција, Германија, Велика Британија, Украина, институциите на ЕУ и татковината на Франциск, Аргентина, исто така ја потврдија својата присутност. Франциск побара да биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“, на која бил особено приврзан, наместо во „Свети Петар“ како многу негови претходници, со едноставен натпис на латински: Franciscus. Тој ќе биде првиот папа по повеќе од 100 години кој ќе биде погребан надвор од Ватикан. Извор: Новинска агенција МЕТА