Американскиот советник за национална безбедност Мајкл Волц денеска, по завршувањето на разговорите меѓу делегациите на САД и Русија за Украина, изјави дека практичната реалност е таква што основата на секоја дискусија околу ставање крај на војната во Украина ќе биде дебатата за територијата и за безбедносните гаранции. „Ова се фундаменталните основи кои ќе бидат подлога и основа на секаков вид дискусија. Ова треба да биде траен крај на војната, а не привремен крај, како што видовме во минатото“, рече тој на прес-конференцијата на американската делегација, според „Гардијан“.
Според него, најважниот дел е што американскиот претседател Доналд Трамп ја изразил својата желба и ја покажал својата решителност да стави крај на војната во Украина и убиствата што се случуваат. „Тоа не е во интерес на ниту една земја. Тоа не е во интерес на светот, а секако не е во интерес на САД и Европа. Значи, сите тие работи ќе ги придвижат преговорите напред“, рече Волц.