Клиничката болница Тетово по судови му бара 30 илјади евра на својот доктор специјалист Илаз Мифтари, откако самата болница морала тие пари да му ги плати на оштетен пациент чие здравје било упропастено во оваа јавно-здравствена установа. Но, тетовска Апелација ја одби тужбата на болницата кон својот лекар така што тој не е должен да ги враќа парите што болницата ги платила како отштета на пациентот. Оштетениот пациент Аднан Е. уште во 2017 година поднел тужба против болницата во Тетово затоа што при извршена хируршка интервенција во болницата од страна на доктор вработен во неа, му била нанесена тешка телесна повреда со трајни последици. Основниот суд Тетово таа тужба ја прифатил и досудил дека болницата треба да му плати пари на пациентот и за материјална и за нематеријална штета. Станувало збор за 1 милион и 309 илјади денари. Болницата се жалела на одлуката да плаќа милионски отштети за лекарска грешка, па предметот почнал одново. Арно ама и новата пресуда била во полза на пациентот.
Медицинското вештачење покажало дека по извршената операција врз Аднан Е, од страна на лекари вработени во тетовската болница при поставување на уринарен катетар сторена е лекарска грешка со што на пациентот му е нанесена јатрогена тешка телесна повреда и со тоа му е причинета и материјална и нематеријална штета. Болницата била задолжена да му плати на пациентот пари, повеќе од 1 милион и 300 илјади денари. Болницата пак се жалела и на оваа пресуда до Апелација, но пресудата била потврдена. Така, 2 години по првичната тужба, Клиничката болница Тетово конечно му ги платила на Аднан Е. парите за тоа што некој му го упропастил здравјето при поставување уринарен катетар. Целосните износи што му биле надоместени на пациентот биле 652,960 денари за главен долг, 56,706 денари на име камата, 647,040 денари за главен долг и 285,463 денари за процесни трошоци. Или вкупно, болницата искеширала 1 милион 642 илјади денари поради предизвиканата штета од работници вработени во болницата.
Откако ги исплатила парите кон оштетениот пациент, болницата се обидувала да си ги наплати и почнала да го тужи лекарот. Но, нивната тужба кон специјалистот доктор Илаз Мифтари е одбиена и тој не треба да ги плаќа парите што болницата му ги платила на пациентот. „Лекарската грешка е утврдена со пресуда од 17.12.2019 година, но не е утврдено дали тоа била грешка на сега тужениот доктор Илаз Мифтари за да може болницата да се стекне со право регресно да побарува од него“, констатира Апелациониот суд Гостивар во неодамна донесената пресуда. Апелација додава и дека штетата правилно ја надоместила болницата во Тетово зашто е утврдено и разјаснето дека лекарот не е тој што го поставувал катетарот на оштетениот пациент и затоа од него не треба да се бараат парите. Болницата против докторот не повела ни дисциплинска постапка ниту пак утврдила дека тој го поставил катетарот. Не е јасно кој го сторил тоа.