Имено, Путин во Кремљ го прими иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, заедно со министерот Сергеј Лавров, шефот на ГРУ, Игор Костјуков, и надворешнополитичкиот советник Јуриј Ушаков. Во разговорот како што јавуваат светските новински агенции, рускиот лидер истакна дека Москва е подготвена да помогне, но не прецизираше како.
„Апсолутно неиспровоцираната агресија против Иран нема основа или оправдување“, му порача Путин на Арагчи, повикувајќи на деескалација и дипломатски решенија.
Според дипломатски извори, Арагчи на Путин требало да му предаде лично писмо од врховниот лидер Али Хамнеи, во кое Иран бара „поголема и појасна поддршка“. Но од Кремљ нема официјална потврда дека вакво писмо било примено.
Зад сцената, односите Москва–Техеран се затегнати. Иранските извори за Ројтерс велат дека Техеран е сè помалку импресиониран од поддршката на Русија и чувствува дека Москва – заедно со Пекинг – ја користи иранската позиција без да преземе обврски. Според нив, Москва го одржува сојузот на хартија, но во пракса не нуди суштинска помош, особено не во однос на зголемените израелско-американски притисоци.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп и израелски официјални лица отворено зборуваат за „режимска промена“ во Техеран и дури и за наводен атентат врз врховниот лидер Хамнеи – наратив што Москва го чита како можен сигнал за проширување на конфликтот во целиот регион.И покрај тоа што Русија потпиша стратешки договор со Иран во јануари, тој документ не вклучува обврска за воена поддршка. Сè уште нема индиции дека Москва е подготвена да влезе во директна конфронтација со САД – особено додека самата води војна во Украина и се обидува да остане во играта за стабилизирање на односите со Вашингтон.