Високи претставници од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги почнат мировните преговори за Украина во Саудиска Арабија следната недела, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на извор запознаен со планирањето на активностите.
Државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Валц и претставникот на Белата Куќа за Средниот Исток Стив Виткоф ќе отпатуваат во Саудиска Арабија, изјавил за „Ројтерс“ Мајкл Мек Кол во Минхен.
Русија изврши воена инвазија врз Украина во 2022. Таа окупираше петтина од Украина и побара Украина да се откаже од овие територии и да остане засекогаш неутрална под евентуален мировен договор. Украина бара Русија да се повлече од окупираните територии и сака НАТО членство или еднакви безбедносни гаранции за да превенира Москва да изврши напади врз украинска териоторија во иднина. Рубио имал телефонски повик со Сергеј Лавров во кој се дискутирало за конфликтот во Украина. Двајцата се согласиле на чести контакти за да се подготви состанок меѓу Владимир Путин и Трамп. Според Мек Каул и украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет во Саудиска Арабија на разговорите. Мек Каул изјави дека разговорите ќе бидат насочени да се организира средба со Трамп, Путин и Зеленски „за конечен мир и крај на конфликтот“. Изјавата на Зеленски за ваквата средба е дека „можеби има нешто на маса, но не на нашата маса“.
-Не сум видел никаква покана за Украина да се среќава со страни, рече Зеленски.
Според него, чудно би било тој да разговара со американски и руски претставници во Саудиска Арабија, ако претходно нема никакви разговори меѓу Украина и нејзините стратешки партнери.
-Колку што се сеќавам, Русија не е наш стратешки партнер, додаде Зеленски.
Тој во петокот најави дека ќе оди во посета на Саудиска Арабија, Турција и Обединетите Арапски Емирати, ама не кажа кога точно. Зеленски подвлече дека не планира да се среќава со руски или американски претставници за време на тие посети. Според Зеленски, Украина никогаш не би прифатила мировен договор кој е направен зад грб, без да биде консултиран Киев. Украина повторува дека сака да постигне средба со ЕУ и САД за да се развие заедничка стратегија пред било каков состанок меѓу Трамп и Путин да се случи. Европските претставници се цврсти – ниеден договор не би можел да се имплементира ако не се вклучени Украина и Европа во неговото постигнување. Според Трамп, Украина ќе биде вклучена во мировните преговори заедно со Русија.