Одморалиштето „Пониква“ станува рехабилитациски центар за сите повредени граѓани од трагедијата во Кочани. Тим на лекари ќе се грижат и ќе обезбедат здравствена нега и ќе им пружат психолошка поддршка на пациентите. Владата на вчерашната седница донела одлука и го задолжила Министерството за внатрешни работи да го стави одморалиштето „Пониква“, кое има 27 соби и 56 легла на располагање, на Министерството за здравство за лекување на пациентите кои имаат потреба од дополнителна медицинска услуга во период од 10 јуни до 20 август. Доколку медицинските тимови и здравствени работници одлучат дека е потребно продолжување на временскиот период за лекување и рехабилитација на пациентите, како што денеска соопштија од владината прес-служба, Владата ќе ја продолжи одлуката.
– Нашата обврска како Влада е да понудиме и да обезбедиме целосна здравствена заштита. Пациентите нема да платат ниту денар, сè е на трошок на Министерството за внатрешни работи и Владата кои ќе обезбедат сместување и оброк на пациентите, како и оброк за медицинскиот кадар. Приоритет се и ќе останат граѓаните – се наведува во соопштението. Од Владата посочуваат дека нивната политика е да работат одговорно и посветено, а не, како што стои во соопштението, да влегуваме во дневно политичките обвинувања со одредени опозициски партии кои за жал, од трагедијата сакаат да соберат некој поен.
– Од првиот ден кажавме дека фокусот ни се граѓаните, нивните потреби и нивните барања. Продолжуваме да ја менуваме Македонија. Државата е на патот на промените – се вели во соопштението од Владата.