По неколку години од затворањето на мензата, топлиот оброк потворно се враќа во најголемиот електро енергетски капацитет во државата, РЕК “Битола”.
По неколку месечни интензивни градежни работи реновирањето на ресторанот за општествена исхрана во РЕК “Битола” кој интензивно се реновира по сите ХАСАП стандарди, а во кој ќе се опслужуваат 2.500 работници со топол оброк е при крај.
Ресторанот по неговото затворање беше во руинирана состојба. Но, сегашното раководство и генералниот директор на РЕК “Битола”, Пеце Матевски одлучи целосно да го реновира и откако се обезбедија средства истиот почна да се гради по сите стандарди, за да можат работниците да се хранат и по повеќе години пауза повторно да добиваат топол оброк.
Објектот опфаќа ресторански дел, најсовремена кујна и канцеларски дел за сместување на персоналот што ќе работи во ресторанот и ќе го обезбедува- вели Никола Радевски, раководител на градежната служба во Подружницата РЕК “Битола”, задолжен за градежно одржување на целиот Комбинат.
Ресторанот е во завршна фаза, се чекаат да пристигнат уште печките, фрижидерите и дифузерите за топол и ладен воздух.
-Парното и струјата ги правиме сами со наши стручни екипи и ќе гледаме мензата што поскоро да биде ставена во функција и вработените во текот на ова лето да почнат да добиваат топол оброк- вели раководителот на градежната служба во Подружницата РЕК “Битола” Никола Радевски.
Инаку, мензата во РЕК “Битола” не работи цели 16 години, или од 2007 година, кога со одлука на тогашниот Управен одбор на тогашното АД ЕЛЕМ, се укина мензата и топлиот оброк за вработените. Потоа во 2017 година се дозволи да се дава сув оброк на вработените иако надоместокот за оброкот на вработените им беше префрлен во платите. Но, ова раководство најде сили да ја стави мензата во функција и вработените да добиваат топол оброк.
Мензата ќе работи во три смени, и ќе даваат и сув и топол оброк, во зависност од желбата на работникот. Ќе има четири топли оброци, а сувиот оброк секој ден ќе биде различен.
Финансиските средства за реконструкцијата се целосно обезбедени од РЕК “Битола”, изведувач на градежните работи е МЗТ инженеринг од Битола, парното и струјата ги изведуваат стручни екипи од вработени во РЕК “Битола”.
-Нашите работници ќе имаат топол оброк, каде што овој Комбинат покрај тоа што ќе ги опслужува нашите работници, ќе ги опслужува и работниците што работат во РЕК “Битола” од другите фирми, ќе се подобри квалитетот на исхрана и ќе се подобри доходовноста од нивната работа- вели првиот човек на РЕК “Битола”, генералниот директор Пеце Матевски.