Адвокатот Александар Тортевски вечерва во емисијата „24 анализа“ на ТВ „24“ рече дека пожарот што се случи во Кочани е последица на тоа што многу луѓе молчеле, земале рекет, мито и како што вели, „ја вртеле главата пред сè што се случувало“. Според него, службите треба час поскоро да го расчистат внимателно објектот, бидејќи, како што објасни, азбестот е еколошка бомба.
„Очигледно дека многу луѓе знаеле и молчеле земале мито, рекет, се сликале со сопствениците на објектот. Тоа било злоупотребувано, ја вртеле главата на страна. Истрагата ќе треба да утврди кој и со што придонел за трагедијата и за жал сега сите сме генерали после битка. Ние нема да извлечеме заклучоци и поуки од ова. Ние не сме држава, не заслужуваме да имаме држава, ние не сакајќи ја добивме и ќе ја загубиме. Во ниту една држава нема толку пропусти“, рече Тортевски.
Според него, оваа дискотека можела да биде затворена многу порано бидејќи како што вели, пренамената на ваков објект во дискотека е незаконски.
„Ова е нашиот јавашлук, на нашата површност. Корумпиран систем на одговорност. Оваа дискотека можел да ја затвори било кој судија и има право да реагира било кој полицаец. Она нашето, „имам човек“, „имам врски“, „знаеш ли кој сум јас“, слики со премиери, министри, покажување, кампањи, сега го плаќаме на најскап начин и за жал цената ја платија оние кои не учествувале во изградбата на овој систем. Јавна тајна е дека тоа се случувало и сите молеле, ова е цена на алчност, корумпираност и неказнивост. Ноќните клубови се темпирана бомба, особено кога не исполнуваат стандарди. Пренамената на шупа во дискотека – незаконска, второ – спуштен плафон од сунѓер, ако гледате на видеата кога почнаа да летаат искрите, една искра застанува се гаси и втората на истото место почнува пламен, тоа не е гипс картон, тоа е сунѓер. Трето – во затворена просторија се користи студена пиротехника која не развива температура, но таа е поскапа. Дискотеката требало да има уште два излеза. Немаме ниту еден елемент за работа, но функционирала со години“, рече Тортевски.
Тој зборуваше и за тоа дека азбестот е сериозна закана и еколошка бомба која треба да се отстрани од разрушениот објект внимателно. „Тоа не може да е клуб, тоа е со криминал, пренаменета шупа. Службите треба да расчистат, верувам дека доказите се собрани но тој азбест мора да се тргне бидејќи тоа е еколошка бомба и е канцероген, околината ќе се контаминира со канцерогени честички.