Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за Македонската радиотелевизија рече дека е „во постојана комуникација со родителите на жртвите“ од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но и дека „не сака тоа да го користи за медиумски поени“.Тој откри дека бил во Кочани и веќе се сретнал со дел од членовите на семејствата на настраданите.
„Бев во Кочани и се сретнав со дел од родителите. Ќе направам сè што ми е должност како министер, но нема од тоа да правам медиумска кампања“, рече Тошковски, без да наведе зошто сега решил да открие дека средбите се случиле и да ја наруши нивната тајност, и тоа токму во медиумски настап.Осврнувајќи се на истрагата, тој негираше дека процесот е целосно завршен. Според него, дел од постапката што ја води Основното јавно обвинителство – Кочани е формално завршена, но Обвинителството за организиран криминал сè уште работи на случајот.