Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи, во денешното гостување во „Тема на денот“, запрашан за тоа дали има осомничени актуелни функционери инсталирани од власта во инспекторатите и полицијата за трагедијата во Кочани, одговори дека се испитуваат само „акти преземени во минатото“. Инаку новата власт започна со поставување на свои кадри во раководењето уште од јуни кога беше формирана новата Влада.
– Досега работиме на утврдување на факти од аспект на дејствија на извршување кои што се преземени или не се преземени на конкретните лиценци, дозволи, мислења, легализации. Овие дејствија се преземани во минатото, не се преземани денес и нормално е во оваа постапка да бидат насочени основите на сомнение против лицата кои што сториле или не сториле одредено дејствие што го сториле незаконито.
Сите овие дејствија кои што ги говорам се преземани годиниве наназад и затоа овие лица кои што ги имаме осомничено, или приведено, се во притвор, или по кои што постапуваме, се дел од лицата против кои што преземаме дејствија, во изминатиот период, рече Тошковски. Министерот додаде дека ќе се преземат дејствија и против оние од денешен аспект кои што не преземале ништо, но во оваа фаза се чешла документацијата која била носена во претходни времиња. За градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, кој си замина слободен од судот, рече само дека „треба да се повикаме на разум“.