Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, веќе година и пол е на чело на МВР. По кочанската трагедија, тој истакна дека чувствува морална одговорност, но не поднесе оставка, за да ја истера правдата до крај. И покрај обвинувањата, во интервју за неделникот „Фокус“, тврди дека истрагата се води крајно професионално, без трошка селективност.
За предметот „Мазут“ во ТЕЦ Неготино открива дека се истражува и еколошки криминал. За случајот „Крмзов“, пак, вели дека има докази со тони, кои може да стават зад решетки познати личности за јавноста.
За крај, додава дека нема лидерски амбиции и децидно истакнува дека не се гледа во улога на иден претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ФОКУС: Пред родителите на починатите деца во дискотеката „Пулс“ рековте дека чувствувате морална обврска, но останавте на позицијата за да се дојде до правдата? Дали таа ви изгледа достижна во овој момент?
ТОШКОВСКИ: Апсолутно, да. Правда во овој случај мора да има. Мора да има за оние 62 деца, така ќе се изразам, зашто најголемиот дел од нив се млади луѓе. Државата мора да стане нормална држава и децата да не бидат никогаш заборавени. И сметам дека ако за овој случај не видиме правда, тогаш не заслужуваме да бидеме држава. Од она што досега го работи јавното обвинителство и од она што, во соработка и по наредба на обвинителството, го сработи и Министерството за внатрешни работи, ценам дека овој случај ќе ја види правдата на денот.
ФОКУС: Засега осомничени се околу 70 лица. Дали е можно оваа бројка дополнително да се зголеми, односно да има проширување?
ТОШКОВСКИ: Можно е да има проширување.
ФОКУС: Во која насока?
ТОШКОВСКИ: Во насока што ќе произлезе од доказите што се обезбедуваат секој ден.
ФОКУС: Ве обвинија и за селективност, дека се „поштедени“ сегашните функционери. Неколкупати појаснивте, но еве уште еднаш, зошто одговорноста е главно лоцирана кај функционерите од минатото?
ТОШКОВСКИ: Колку што се сеќавам јас, актуелен министер во оваа влада е дел од осомничените и колку што знам за него имаше изречено најстрога мерка за присуство. Колку што сум запознаен и актуелен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, како и претходен директор, и пред него и пред него, се опфатени во истрагата, по наредба на јавен обвинител. Значи, цело време кога велам се опфатени во рамки на истрагата, тоа по наредба на јавен обвинител, да не биде тафтологија што ја кажувам цело време, по наредба на јавен обвинител, а не по волја на министерот или по волја на кој било друг. Опфатен е и актуелен градоначалник, и тој пред него, и тој пред него. И двајцата последни по некоја случајност се од ВМРО-ДПМНЕ, едниот по некоја случајност од СДСМ.
Велат зошто министрите за економија биле од ДУИ, е па сега 20 години ДУИ раководело со предметното Министерство. Јас не гледам од која политичка партија, ниту, пак, ги прашувам, ниту, пак, му значело на некој од обвинителите кога давале наредба, од која политичка партија е министерот што дејствувал или не дејствувал некако, поврзано со кривично правниот настан. Опфатен е и актуелен командир на полициска станица… Така што апсолутно се неосновани, крајно манипулативни и тенденциозни се сите обиди на одредени политички лешинари да го насочат јавното мнение во насока на тоа дека овде има селективна истрага. Тотално неосновани, крајно манипулативни… И пак ќе повторам, само Господ може да им суди на ваква чиста намера за манипулација со болката на родителите што го изгубиле своето дете. Нив, ниту јас можам да им судам, ниту судот, никој не може да им суди, само Господ.
Мораме да направиме една компарација со претходните катастрофи што ни се случија, со слични размери како оваа. Во претходните катастрофи имаме 75 жртви, каде што МВР не поднесува ниту една кривична пријава, ниту една! Ниту еден осомничен, ниту една мерка изречена, по барање на Министерството за внатрешни работи. А овде, за кочанската трагедија, имаме за 70. Е сега дали има разлика, е па има разлика. Дали народот гледа, е па гледа. Не е будала народот.
Разговараше
Валентина ВУРМО
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК