Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Обвинителството во јавноста претставија различни податоци за истрагата за трагедијата во Кочани, која се случи на 16 март кога во дискотека во Кочани загинаа вкупно 62 лица, а чии семејства на протести бараат одговори од институциите. Од собраниска говорница, дента кога се гласаше интерпелацијата за Тошковски, тој рече дека истрагата за оваа трагедија не е завршена и дека досега Министерството за внатрешни работи поднело пет кривични пријави и дека има 70 осомничени. На дополнително прашање во текот на собраниската седница кажа дека се осомничени 68 физички и три правни лица.
– Досега се осомничени 68 физички и три правни лица. Во никој случај не може да стане збор за селективно постапување, МВР постапуваше исклучиво во соработка и по наредба на јавен обвинител, не се гледаше дали станува збор за маж или за жена, за човек од Скопје или од Кочани, за каква било политичка припадност – рече министерот. Според официјалните податоци од Обвинителството, пак, досега во истрагата за Кочани осомничени се 59 лица, од кои за 45 лица истрага води кочанското обвинителство, а за 14 полициски службеници истрага води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Истрагата е сѐ уште отворена и бројот на осомничени може постојано да се менува, но според досега официјалните бројки од Обвинителството, од 45-те осомничени 19 се во притвор, меѓу кои се поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, државната секретарка од Економија Размена Чекиќ Дуровиќ и актуелниот министер без ресор Шабан Салиу.
Тринаесет лица, меѓу кои и поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, се во куќен притвор, за 12 лица се определени мерки за претпазливост, додека еден осомничен е на лекување. На сите 14 осомничени полициски службеници, меѓу кои и на командирот на полициската станица Кочани, им се определени мерки за претпазливост. Независно од овие бројки, последната информација со која излезе МВР беше за кривични пријави уште за тројца полициски службеници поднесени до ОЈО за организиран криминал, а според наводите, кои свесно поднесувале казни на неактивна фирма поврзана со кабарето „Пулс“, овозможувајќи имотна корист на друго правно лице. И откако ја преживеа втората интерпелација во Собрание, за Тошковски остана отворено прашањето дека полицијата вечерта била во дискотеката и ништо не направила за да ја спречи забавата. Во последното телевизиско гостување тој не го доразјасни докрај ова прашање.
– Кога се вршат ваков тип проверки од аспект на малолетници, дали ги има или ги нема, во рамки на локалот нема изречно утврдена одредба во рамките на законската регулатива дека кога полициските службеници влегуваат внатре, објектот да престане со работа, а луѓето да излезат. Полициските службеници постапуваат врз основа на стандардни оперативни процедури, врз основа на Закон и врз основа на план што треба да биде изготвен и врз основа на којшто треба да се преземат соодветни дејства – рече Тошковски во интервјуто. Во конкретниот случај, односно кога се случил пожарот, не станувало збор за рација, односно полицајците не биле дојдени со екипи од Државен пазарен инспекторат и лица од други институции. Полицајците што биле внатре, според досегашните јавно објавени информации, влегле непосредно пред да настане пожарот во дискотеката. Притоа неколкумина од присутните таму реагираа дека полицајците стоеле наместо да ги спасуваат децата, а според сведоштвата на родителите, тие биле оставени сами на себе. Министерот, кој се сретна со мајките од Кочани, им вети дека правда ќе има за секого и дека истрагата сѐ уште не е затворена.
– Многу ми е жал што не можам да зборувам за сите детали сега, ама ќе можам по два месеца, за сега да не ја загрозам истрагата. И да ми верувате на зборот – порача Тошковски. Тогаш истекува и законски предвидениот рок од 90 дена и, како што најави Коцевски, истрагата треба да заврши до 16 или 17 јуни. На предметот работат 13 јавни обвинители и во моментов истрагата се води за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. На крајот на истрагата, како што рече Коцевски, ќе се донесе обвинение во кое детално ќе биде образложено секое дејство на потенцијалните обвинети и ќе се утврди за кое дело евентуално може да се работи. Обвинителството соопшти дека во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области. Тие упатија отворен јавен повик до сите што имаат лични сведоштва, информации и докази за работата на клубот „Пулс“ да ги споделат со Обвинителството.