– Јавното обвинителство е надлежно да постапува по ова прашање. Истрагата што ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал сѐ уште трае и тие преку судските органи го утврдуваат статусот на полициските службеници. Во рамките на МВР, нивниот статус е замрзнат, што значи дека во овој период се оддалечени од извршување на службени задачи – изјави министерот Тошковски.
Во однос на барањата за одговорност од страна на родителите на жртвите во пожарот, Тошковски истакна дека тие имаат целосно легитимно право да бараат одговори од институциите.– Сметам дека како Министерство постапивме професионално и неселективно. Ја покажавме разликата во однос на претходното работење и докажавме дека може да се постапува без разлика на име и презиме, без разлика дали некој бил близок со некого. Ќе продолжиме по истиот принцип – рече Тошковски, додавајќи дека постапките против сите за кои има доволно докази ќе бидат спроведени без исклучок.