Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, го повтори ставот дека тендерската постапка за набавка на униформи за полицијата, е согласно законот. Тој демантираше дека сопственичката на модното студио, за кое опозициската СДСМ обвини дека е основано непосредно пред распишување на тендерот и е со двајца вработени, е пријателка на неговата сопруга. „Ниту знам кој е сопственик на модното студио кое и да е, ниту пак било кој и да е сопственик е близок на мојата сопруга. Од ова прашање, ќе сфати јавноста дека ова е хајка“, вели Тошковски. Тој посочи дека досега не се сеќава дека во Македонија има политичар кој е проверуван како работи уште пред да ја добие функцијата.
„Во текот на вчерашниот ден, даден е одговор на сите обвинувања. Сметам дека МВР тоа што требало да го преземе, го презело. Одредени услови кои се побарани – согласно информациите кои ги имам, а се поврзани со квалитетот на униформите – се исполнети. Досега не е нарачана ниту една униформа. Да оставиме да видиме како ќе се одвива овој процес“, рече Тошковски. На крајот, тој ги повика институциите да го испитаат тендерот. „Ги повикувам одделите при МВР и Обвинителството да ги истражат сите тендери кај што има сомнежи. Јас преземам сѐ што треба да преземам, се грижам за имплементирање на проектите“, рече Тошковски