Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со Асмир Јахоски, осомничениот во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино за тоа како му е издаден пасош за еден ден, рече дека прашањето е како е донесена одлука од Судот да се врати предметната патна исправа на осомниченото лице, а не зошто МВР постапило согласно одлуката на Судот.
-МВР постапува согласно одлука донесена од страна на Судот. Како и за други личности кои беа исто така од интерес за јавноста во минатото кога постапивме согласно законски надлежности и во рамки на итна постапка сме издвале документи за еден ден, така и во овој случај постапуваме и издаваме по одлука на судот документација соодветна во рамки на надлежност на Министерството, најдбрзо што може кога е по итна постапка, истакна Тошковски во изјава за медиуми по Меѓународната конференција по повод 50 години од основањето на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет – Скопје. Тој посочи дека „суштината на прашањето треба во овој случај да биде како е донесена одлука од судот да се врати предметната патна исправа, а не зошто МВР постапило согласно одлуката на Судот“. Со „амин“ на Обвинителството и решение на Апелациониот суд, Министерството за внатрешни работи му издал времен пасош на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски за да патува во Босфор, Турција каде викендов беше фотографиран со дел од семејството. Тој вчера утрото се пријавил во Кривичниот суд со издадена времена патна исправа и ја исполнил обврската за редовно пријавување во суд. Јахоски излегол од Македонија на 30 мај преку Граничниот премин Богородица и се вратил во државата преку истиот граничен премин на 2 јуни.
– Лицето за кое прашувате остварило излез од Република Северна Македонија на Граничен премин Богородица на 30.05.2025, а се вратило во државата на 02.06.2025 преку Граничен премин Богородица. Имено лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење издадена од МВР по претходно донесено Решение КСЖ бр. 540/25 од 29.05.2025 на Апелационен суд со кое се дава согласност на лицето А.Ј. да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење, се вели во одговорот од МВР. Јахоски претходно даде гаранција од над 2 милиони евра, која Кривичен не ја прифати, но ја прифати Апелациониот суд по што му беше одземен пасошот и му беа одредени мерки за претпазливост. Тој заедно со сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски се осомничени поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.