Балканот е домаќин на неверојатни приказни, а една од најновите кои го привлекуваат вниманието на јавноста е приказната за Шенки Маслани, попознат како Шенки Версаче. Овој Албанец од Северна Македонија стана препознатлив затоа што се што прави е под покровителство на препознатливиот бренд – „Версаче“, пишува српски Блиц.
Имено, Шенки Версаче стана интересен за јавноста поради необичниот начин на живот кој редовно го споделува на социјалните мрежи. Шенки Маслани, како што е неговото вистинско име, живее во раскош, а неговиот луксузен начин на живот вклучува автомобили, вили, скапа облека и сопствено кафуле, сето тоа обележано со препознатливите мотиви на брендот Версаче. Живее во селото Арачинова, скопско, каде изградил куќа целосно посветена на брендот „Версаче“. Неговата облека, накит и секојдневни предмети, како чаши и чинии, го носат белегот на овој престижен моден бренд. На прашањето од каде има толку пари, Шенки вели дека заработува од продажба на автомобили на неговиот голем паркет, нагласувајќи дека тоа го прави со години. Секој негов автомобил е персонализиран според неговиот вкус, со препознатливи дезени на марката „Версаче“.
Покрај тоа, Шенки Версаче отвори кафуле во својот роден град, чија внатрешност е исто така украсена со мотиви на брендот Версаче. Мебел од различни делови на светот, скапи завеси и мени приспособено на брендот создаваат луксузно искуство за посетителите. Со својата страст за брендот „Версаче“ и бескомпромисен начин на живот, Шенки Маслани стана еден од најбогатите Албанци на Балканот. Љубовта кон луксузот не се манифестира само во автомобилите, куќите и облеката, туку и во ситници како влечки кои ги плаќа 540 евра или долна облека која чини 188 евра.
И покрај неверувањето на многумина, Шенки Версаче тврди дека се што поседува е резултат на долгогодишна работа и труд и дека е горд на својот успех. Својот дом во Белград, за кој платил 4 милиони евра, го смета за место каде ќе ужива во убавината на српската природа, но и ќе ги организира најлуксузните забави. Овој балкански милионер ја заинтригира јавноста со својот неверојатен начин на живот, а во исто време предизвикува различни реакции кај луѓето кои ја следат неговата приказна на социјалните мрежи.