Сега кога се враќа во Белата куќа, Трамп верува дека „апсолутен императив“ е САД да стекнат „сопственост и контрола“ над Гренланд. Сепак, како автономна територија на Данска на која американската војска веќе дејствува, Гренланд нема причина да го напушти својот актуелен политички ангажман Во 2019 година, кога Доналд Трамп првпат изјави дека САД би требало да го „купат Гренланд“, данската премиерка Мете Фредериксен со право ја отфрли таа идеја како „апсурдна“. Гренланд не е на продажба, изјави таа. Иако Данска ја контролира надворешната политика и безбедноста на територијата, Гренланд самиот одлучува за внатрешните прашања.
Меѓутоа, сега Трамп се враќа во Белата куќа и уверен е дека за Америка „апсолутен императив“ е да стекне „сопственост и контрола“ на оваа огромна арктичка територија. Уште пошокантно е што тој вели дека би можел да употреби и воена сила за да ја постигне целта, иако заканата со огромни царини и натаму му е омилената опција.
Колку и да делуваат неверојатно ваквите изјави, причина за смеење нема. Гренланд е важно и чувствително дипломатско прашање. Неговиот статус треба да се третира со внимателност за да не дојде до поголема криза. А таков исход не би бил во ничиј интерес. Историјата овде игра важна улога. Гренланд беше колонија на Данска до 1953 година, кога стана една од нејзините провинции. Во 1979 година, овој огромен остров (всушност, најголемиот на светот) доби самоуправа. Од 2009 година, Гренланд и Кралството Данска одржуваат систем на широка автономија, во кој само неколку области од политиката (првенствено безбедноста и одбраната) остануваат под контрола на владата во Копенхаген. Повеќето од политичките партии на Гренланд тежат кон независност на островот, а според договорот од 2009, имаат право да одржат референдум по ова прашање. Сепак, мнозинството Гренланѓани сфаќаат дека е прерано за таков чекор. Прво мораат да ги изградат неопходните капацитети за да можат да функционираат како независна национална држава. По најновата иницијатива на Трамп, може да се претпостави дека прашањето за независноста ќе доминира на следните избори на Гренланд, кои ќе се одржат најдоцна до 6 април. Сепак, малку е веројатно дека ќе постои значајна поддршка данското управување со „лесна рака“ да се замени со алчните раце на Трамп и на неговата МАГА коалиција. На овој или на оној начин, Гренланѓани се посветени на скандинавскиот модел на социјална држава и веројатно нема да сакаат да го напуштат поради американскиот модел.
Иако Гренланд не е дел од ЕУ, неговите жители се, бидејќи се државјани на Данска. Повеќе од половина од буџетот на островот го обезбедува данската влада, а 90 отсто од извозот (најмногу шкампи) оди на пазарот на ЕУ, каде што Гренланд има повластен статус. И покрај територијалните и економските амбиции што Русија и Кина ги имаат на Арктикот, воените закани кон Гренланд се минимални. Најблиската руска база е оддалечена 2.000 километри, а двата кинески истражувачки брода опремени за арктички услови, главно се во водите околу Антарктикот. Освен тоа, во согласност со договорот од 1951 година (како и според подоцнежните договори), САД веќе имаат право да стационираат воени објекти на Гренланд. Воздухопловната база Тула на крајниот север на островот беше огромен објект во раната фаза на Студената војна, иако тоа јавно беше негирано, беше опремена со нуклеарно оружје. Денеска е преименувана во вселенска база Питуфик, а функцијата ѝ е рано предупредување и надзор на вселената. Сепак, во консултации со данските и со гренландските власти, американската војска на овој остров може, повеќе или помалку, да прави што сака. Данска од своја страна, управува со патролни бродови околу Гренланд и наскоро ќе набави и дронови за видеонадзор. Сепак, главната задача на малиот воен контингент на островот е трагање и спасување.
Се разбира, наследството на колонијализмот никогаш не е лесно да се надмине. Околу 88 отсто од жителите на Гренланд се Инуити, а односите меѓу Гренланд и Данска ни денес не се сосема ослободени од сложените прашања од минатото. Сепак, не може да се каже дека САД, кои не можат баш да се пофалат со односот кон сопственото автохтоно население, се во позиција за слични прашања на други да им држат лекции. Навистина, Гренланд поседува големи резерви на ретки земни минерали што се користат во изработката на многу високотехнолошки производи. Но, инвестициските услови за експлоатација на овие ресурси се далеку од идеални, со оглед на новата политичка неизвесност околу островот, недостигот од работна сила и „кршливото“ природно опкружување. Покрај тоа, Гренланд и остатокот од Арктикот се загреваат најмалку двојно побргу од остатокот на планетата, што ја зголемува економската, социјалната и политичката ранливост. Тоа е причина повеќе бавното движење на Гренланд кон поголема автономија и со време, можеби и кон независност, да се води внимателно, а не со шокантни изјави и закани.
Непристојниот предлог на Трамп, изречен со имплицитна закана со воена сила, не само што е апсурден, туку е и опасен. Постепената еволуција на суптилните односи меѓу Гренланд и Данска очигледно се најдобрата опција за тој остров.